Connect with us

Скопје

Акција за чистење на локалитетот Крст во Кучково

Општина Ѓорче Петров во соработка со питомците од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и Универзалната единица за заштита и спасување при општината денеска реализираше акција за чистење на локалитетот Крст во Кучково.

Акцијата беше организирана во рамки на цивилно-воена соработка со цел подигнување на јавната свест за заштита на животната средина, одговорно однесување кон природата и зачувување на природните локалитети во општината.

Во текот на активностите, од зелените површини биле подигнати над четири метри кубни отпад, со што, како што наведува Општина Ѓорче Петров, значително се придонесе за почиста и поуредена средина на овој значаен природен локалитет.

– Кучково претставува еден од најубавите природни предели во Ѓорче Петров и место кое има големо значење за рекреација, одмор и дружење на граѓаните. Затоа, неговото зачувување е заедничка обврска на институциите, граѓаните и сите општествено одговорни чинители. Оваа акција е уште една потврда дека преку заедничко делување, одговорност и посветеност можеме да создадеме почиста, поздрава и поубава животна средина за сите граѓани. Општината ќе продолжи со активности насочени кон заштита на природата, уредување на јавните површини и поттикнување на одговорно однесување кон животната средина, се наведува во соопштението од Општината.

Ad
Ad