Connect with us

Економија

Вицегувернерката Митреска на БИС: Силен банкарски сектор, но и натаму се потребни претпазливи политики

Банкарскиот систем во регионот е со значително подобрени показатели и поголема отпорност во споредба со периодот пред пандемијата, но силниот кредитен раст и растот на цените на недвижностите наметнуваат засилена претпазливост и потребно е постојано следење на ризиците- порача вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска.

Овие пораки, информираат од Народната банка, беа упатени на 24. состанок на Работната група за монетарна политика во Централна и Источна Европа, организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), којшто се одржува во Сараево, а чиј домаќин е Централната банка на Босна и Херцеговина.

Таа нагласи дека и покрај солидната состојба на банкарскиот сектор, светското окружување и натаму е исклучително неизвесно, особено поради геополитичките тензии и нарушувањата на светските синџири на снабдување, коишто можат да влијаат врз економскиот раст, инфлацијата и финансиските услови. Покрај ова, беше посочено дека кредитниот раст во регионот достигнува околу 14% во 2025 година, што е највисока стапка во последната деценија, при што растот на станбеното кредитирање е проследен и со значително зголемување на цените на недвижностите, коишто се повисоки за околу 80%, во просек, во изминатите пет години.

Митреска истакна дека, во вакви услови, и натаму се најважни редовното следење на квалитетот на кредитното портфолио, спроведувањето стрес-тестови и употребата на макропрудентни мерки, доколку биде потребно.

На состанокот на БИС учествуваат претставници на Европската централна банка и на централните банки од регионот на Централна и Источна Европа, кои разговараат за економските изгледи, инфлацијата, финансиската стабилност, монетарната политика, геополитичките ризици и примената на вештачката интелигенција во централното банкарство.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1