Вести
Армијата го одбележа Денот на Логистичката база – 20 Мај
Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска со воена свеченост беше одбележан Денот на Логистичката база (ЛБ), единица која претставува носечки столб на логистичката поддршка во Армијата.
Како што соопштуваат од АРМ, на свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, команданти, генерали, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот, воено-дипломатскиот кор, МВР, локалната самоуправа, како и пензионирани генерали и припадници на единицата.
Министерот Мисајловски во своето обраќање по повод одбележувањето ја нагласи улогата на Логистичката база како „значаен дел од системот и есенцијален елемент за функционалноста на Армијата“.
– Логистиката отсекогаш била столб на успешноста на сите воени единици. Фактот дека вие ја координирате поддршката за сојузничките сили што транзитираат во нашата земја и дека давате логистичка поддршка за реализација на најголемите вежби, кои го одбележаа периодов, меѓу кои и вежбата „Блесок 26“, на која исклучително се гордееме, го покажува вашето суштинско место во системот на одбраната – рече тој.
Посочи и на довербата што граѓаните ја имаат во Армијата благодарение на поддршката од Логистичката база.
– Вашата поддршка во справувањето со големите природни непогоди и кризни состојби, вашата поддршка во реализацијата на активностите на разни организации и здруженија, овозможува Армијата да биде со своите граѓани и да им служи како столб на кој може да се потпрат во секакви ситуации – дополни тој.
Генералот Нуредин истакна дека Логистичката база претставува клучен сегмент во системот на поддршка на Армијата нагласувајќи дека без ефикасна и навремена логистика нема успешна реализација на ниту една задача, вежба или операција.
– Посветеноста, професионалноста и способноста за брза и ефикасна поддршка претставуваат суштинска алка во одржувањето на оперативната готовност на Армијата. Токму преку вашата работа се потврдува дека логистиката не е само поддршка, туку и еден од главните предуслови за функционална, подготвена и современа Армија – истакна генералот Нуредин.
Тој им оддаде признание на припадниците на единицата за нивниот ангажман во реализацијата на секојдневните активности, меѓународните вежби, како и за поддршката при справување со последиците од кризите и вонредните состојби.
Командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми, во своето обраќање нагласи дека „Логистиката не е само поддршка, таа е крвоток на секоја воена организација – невидлива сила што овозможува движење, снабдување, одржување и функционалност во секој момент и во секоја ситуација, при што истакна дека „моќта не лежи во индивидуалците, туку во тимската работа и колективните капацитети, а токму тоа е силата на Логистичката база.“
Во рамките на свеченоста беа доделени признанија и награди за припадниците на единицата.
Логистичката база го одбележува 20 мај во спомен на Разловечкото востание од 1876 година кога почнале првите организирани логистички подготовки поврзани со востанието.
Основната мисија на Логистичката база е планирање, организирање, координирање и реализација на логистичка поддршка на командите и единиците на Армијата.
мај 21, 2026
