Вести
Николоски: „Самопрогласени синдикални лидери нека не шират небулози, Охрид-Кичево, на нивна жал, ќе биде завршен на време“
Самопрогласени синдикални лидери шират невистини и манипулации за изградбата на автопатот Охрид – Кичево, објави министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Министерот објасни дека тврдењата дека проектот ќе чини милијарда евра и дека никогаш нема да биде завршен се неосновани и без факти.
Од Владата апелираат јавноста да не биде доведувана во заблуда, нагласувајќи дека изградбата се одвива според планираната динамика и дека автопатот ќе биде завршен во предвидениот рок.
Во реакцијата се посочува дека во изминатите години, за време на претходната власт на СДСМ и ДУИ, проектот не бележел напредок, додека актуелната Влада предводена од Христијан Мицкоски, како што велат, работи засилено на неговата реализација.
Самопрогласени „синдикални лидери“ шират невистини, лаги и манипулации за изградбата на автопатот Охрид – Кичево. Ќе чинел милијарда евра, никогаш немало да се заврши и слични небулози. Без ни еден факт! Нула!!! Ама да се каже нешто. Нека не го замајуваат народот. За нивна жал, а за среќа на народот, автопатот ќе се заврши во предвидениот рок! Точно е дека Владата на СДСМ и ДУИ, по која очигледно жалат, камче не стави 7 години, ама точно е дека оваа Влада на Христијан Мицкоски работи деноноќно“, објави Николоски.
Како потврда за интензивните активности, Николоски објасни дека е одржан и состанок во Министерството за транспорт во недела навечер, посветен токму на изградбата на автопатот Охрид – Кичево.
Од Владата уверуваат дека проектот ќе биде завршен навреме и дека граѓаните наскоро ќе можат да го користат овој значаен инфраструктурен правец.
мај 4, 2026

