Вести
Во Липково се славеше Слободна зона Карадак, која за УЧК беше симбол за „ослободена територија“ во 2001 година
Во Липково вчера беше прославен 2 Мај, за општината познат како Ден на прогласувањето на слободната зона. Карадак, Кумановско, и Ден на општината. На својот Фејсбук-профил пратеникот Ријад Шаќири од Алијансата за Албанците од коалицијата Вреди напиша дека заедно со градоначалникот Еркан Арифи (од ДУИ), општинските советници на гробиштата оддале почит на мачениците кои своите животи ги дале во 2001 година. Карадак, планински регион во Кумановско, во 2001 година беше симболичен термин за „ослободена“ територија од ОНА/УЧК, пренесува Телевизија Алфа.
„Пред нивното возвишено дело и жртва, секој збор останува мал. Тие загинаа за достоинството, слободата и за иднината на нашиот народ. Крвта на мачениците е најголемиот завет за идните генерации и темелот врз кој почива нашата национална гордост. Денес се поклонуваме не само пред нивните гробови, туку и пред славната приказна што ја пишуваат со своите животи. Вечна слава на мачениците на нацијата“, напиша вчера Шаќири на својот Фејсбук-профил.
Тој објави неколку фотографии од прославата пред споменикот на Исмет Јашари, познат како командант Кока на УЧК, загинат за време на конфликтот во 2001 година. Јашари бил активен во вооружените дејства во северниот дел на Македонија.
Ријад Шаќири е пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на Алијанса за Албанците. Тој во февруари годинава на собраниска седница се појави со значка на албанското знаме на реверот, што предизвика тензии. Тогаш, на седница за пратенички прашања реагираше премиерот Христијан Мицкоски, кој му забележа на пратеникот Шаќири дека на реверот носи значка со албанското знаме. Премиерот му посочи на Шаќири дека плата добива од буџетот којшто го полнат сите граѓани.
мај 4, 2026

