Вести
Средба на министерот Андоновски со хрватскиот министер за правда и дигитализација, Хабијан: Партнерство во дигиталната трансформација
Во рамките на работната посета на Загреб, Хрватска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари средба со министерот за правда, јавна администрација и дигитална трансформација на Република Хрватска, Дамир Хабијан, на која се разговараше за унапредување на соработката во областа на дигиталната трансформација, модернизацијата на јавните услуги и јакнењето на дигиталната инфраструктура.
Како што информираат од Министерството за дигитална трансформација, на средбата биле разменети искуства за развојот на дигитални услуги за граѓаните, со посебен осврт на мобилните апликации и платформите преку кои граѓаните полесно пристапуваат до услугите на институциите.
Било нагласено дека силната инфраструктура, интероперабилноста меѓу институциите и безбедната размена на податоци се клучни за ефикасна дигитална трансформација на јавниот сектор.
Посебен акцент бил ставен на хрватските искуства во дигитализацијата на архивското работење, е-архивата и системите за управување со документи – DMS. Министерот Андоновски истакнал дека ваквите искуства се особено важни за процесите што Министерството за дигитална трансформација ги спроведува во насока на воспоставување поефикасна, транспарентна и дигитално поддржана јавна администрација.
– Богатото искуство на Хрватска во дигитализацијата на процесите во јавната администрација и правосудството е од исклучително значење за македонскиот процес на дигитална трансформација – рекол Андоновски.
На средбата се разговарало и за можноста за организирање обуки и размена на експерти меѓу двете земји, особено во областа на архивското работење и електронското управување со документи. Воедно, била отворена и можноста за заедничка соработка преку твининг-проекти и европски механизми за поддршка на дигиталната трансформација.
Министерот Андоновски ја истакнал Република Хрватска како добар пример за дигитализација на јавниот сектор и нагласил дека соработката со земјите од регионот и Европската Унија е од особено значење за забрзување на реформските процеси во Македонија.
– Дигиталната трансформација е основа за подобри, побрзи и подостапни услуги за граѓаните. Хрватското искуство во областа на е-архивата, податочните центри и дигиталните услуги претставува значаен пример на кој можеме да се огледаме и да развиваме конкретна соработка – посочил министерот Андоновски.
Двајцата министри изразиле подготвеност за продолжување на комуникацијата и иницирање конкретни активности за продлабочување на билатералната соработка во областа на дигиталната трансформација.
Билатералната средба на министрите е дел од посетата на Андоновски на Хрватска и учеството на форумот на IDU. Како член на Извршниот одбор на ИДУ, Андоновски ќе учествува и на седницата на Извршниот одбор во текот на утрешниот ден.
април 30, 2026

