Connect with us

Вести

Муцунски-Грлиќ Радман: Реафирмирана благодарноста за хрватските ставови за продолжување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан

Во рамки на работната посета на Хрватска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остварил средба со министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.

На средбата, како што соопшти МНРиНТ, двајцата соговорници се согласиле дека оваа средба претставува потврда на интензивниот политички дијалог и конструктивната соработка што двете земји ја негуваат повеќе од три децении, а се реализира во пресрет на потпишувањето на меѓувладиниот Договор за стратешка соработка, кој се темели на европските вредности, континуирано градената доверба и заемното почитување.

-На линија на искажаното задоволство од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредувањето на економската соработка, модалитетите за продлабочување на трговската размена, како и проширувањето на соработката во повеќе области, стои во соопштението на Министерството.

Воедно, како што додаваат оттаму, од наша страна била реафирмирана благодарноста за хрватските ставови околу неопходноста од продолжување на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, а беше изразена и нашата подготвеност за користење на хрватското искуство на патот кон полноправното членство во Европската Унија.

-Министрите се согласија дека одржувањето на зајакната координација како сојузници во рамки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, кој се покажува како ефективен механизам за усогласување на ставовите, зајакнување на меѓусебното разбирање и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатлантската безбедност, при што беше акцентирано дека обете држави остануваат посветени на почитување на вредностите и принципите на Алијансата, се додава во соопштението.

Средбата била искористена и за размена на мислења за актуелни теми од меѓународните односи, регионалните случувања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.

Во изјава за медиумите, министерот Муцунски истакнал дека со Хрватска нè поврзуваат блиски односи, доверба, сојузништво во рамки на НАТО и заедничка европска визија за регионот, при што уште еднаш беа потврдени традиционално добрите односи, засновани на меѓусебна почит, отворен дијалог и конкретна соработка.

Тој нагласил дека разговорите биле посветени на повеќе прашања од билатералната агенда, со посебен акцент на претстојното потпишување на меѓувладиниот договор за стратешка соработка, чија цел е создавање модерна и функционална рамка за поинтензивна, структурирана и сеопфатна соработка меѓу двете земји.

Во таа насока, било потенцирано дека договорот треба да претставува практичен инструмент за унапредување на економската соработка, институционалната размена, користењето на европската експертиза и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3