Вести
Зошто името на Никола Карев не се наоѓа во химната „Денес над Македонија“
Со години по неговото загинување, името на Никола Карев многупати е споменувано по разни поводи, но неколку прашања произлезени во разни историски периоди по неговата смрт, а кои се поврзани со него, има обиди до денешни дни постојано да се поставуваат.
На пример, многупати до сега е поставувано прашањето за химната на Република Македонија, „Денес над Македонија“, и името на Никола Карев, а во јавноста и денес постојат разни, неаргументирани коментари за тоа зошто името на Карев не е содржано во текстот на химната на Рапублика Македонија заедно со имињата на другите илинденски револуционери, кои во текстот се споменати, и зошто името на Никола Карев е „премолчено“, дури и „избришано“ од текстот на химната?
Во одговор на ова прашање треба да се разгледаат изворите што ги презентираат времето, околностите и начинот на настанувањето на песната „Денес над Македонија“. Во оваа пригода се повикуваме на текстот на еден од повидните познавачи на оваа проблематика кај нас, д-р Блаже Ристовски, со наслов „Никола Карев и Веле Марков во народната песна“, објавен во едицијата „Прилози за Илинден“.
Во објаснувањата кон овој текст д-р Ристовски истакнува дека Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (ПК на КПЈ) за Македонија во 1941 година испратил циркуларна инструкција „за создавање песни за новата борба за ослободување на Македонија… како конкретна потреба за национално-политичкото обојување на културно-просветната програма“.
Таа инструкција стигнала и во Струга, чија прогресивна младина подготвувала приредба за пречек на новата 1942 година. Постапувајќи по инструкцијата, позатиот македонски писател Владо Малески, инаку роден стружанец, врз мелодијата на народната песна „Надежда болна легнала“, наместо народниот текст, го напишал текстот на „Денес над Македонија“, кој со сосема мали измени и денес претставува химна на Република Македонија. Според д-р Ристовски, првото вокално исполнение на старата народна песна со новиот текст на Малески било на пречекот на новата 1942 година „во куќата на Милан Цоба во Струга на 31 декември 1941 година вечерта“.
Според изјавата на авторот на текстот Владо Малески, строфата во која се споменува Крушевската Република и илинденските револуционери гласела:
„Од гроб станаја славните ѕидари
на Крушевската Република:
Гоце Делчев, Питу Гули,
Дамјан Груев, Сандански“.
Подоцна, во 1943 година, еден од основоположниците на современата македонска поезија, поетот и револуционер Кочо Рацин, го објавил текстот на Малески, при што извршил интервенција во оваа строфа, па таа гласи:
„Од ново сега знаме се веје
на Крушевската Република,
на Делчев, Груев и Питу Гули,
Сандански Димитри Влахов“.
Првпат името на Карев во текстот на оваа песна се спомнува во изданието на пропагандниот оддел при Главниот штаб на Народнослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (ГШ на НОВ и ПОМ) „Наши песни“ од 1944 година, во кое последниот стих од строфата е изменет и гласи:
„Карев, Влахов, Сандански“.
Кога Владо Малески го формирал Партизанскиот хор во 1944 година, песната почнала да се исполнува во првата верзија, што значи без името на Карев, но по ослободувањето, песната „Денес над Македонија“ се исполнувала и во двете верзии.
Но покрај овие две, песната „Денес над Македонија“ се исполнувала и во други верзии во кои се спомнувало името на Карев. Во една таква верзија последниот стих од втората строфа гласи:
„Карев, Марков, Сандански“.
Интересен е фактот што со Уставот на Социјалистичка Република Македонија (СРМ) од 1974 година прашањето за химната е оставено отворено зашто за разлика од грбот (член 8) и знамето (член 9) на СРМ, чија форма, изглед пропорции и бои детално се утврдени, одредбата за химната (член 10) е само декларативна и гласи: „Социјалистичка Република Македонија има химна“, без да се каже која е таа химна.
Песната „Денес над Македонија“ првпат е утврдена како химна на Социјалистичка Република Македонија со амандманите на Уставот на СРМ од 1989 година, но повторно само декларативно зашто со одредбата на Амандманот XXIV е утврден само насловот „Денес над Македонија“, без нотен запис и целосен текст на химната.
Конечно и официјално, со објавувањето нотен запис и целосен текст, „Денес над Македонија“ е прогласена за химна на Република Македонија дури во 1992 година со Законот за химната на Република Македонија. Во целосниот текст утврден со овој закон не е содржано името на Никола Карев и од влегувањето во сила на тој закон до денес секое вокално интонирање на македонската химна се изведува по текстот во кој, иако се спомнува Крушевската Република, не се спомнува името на Никола Карев. Во тој закон постојат и казнени одредби ако химната се изведува со поинаков текст од утврдениот во законот.
(При изготвувањето на текстов е користена монографијата на Кочо Топузоски, „Никола Карев 1877 – 1905 – Патешествија низ документи“, „Матица македонска“, Скопје, 2008)
април 27, 2026

