Вести
Во акцијата за фалсификуван ботокс и филери приведени 14 лица, 6 од нив добија ефективен притвор
МВР информира дека денеска до ОЈО ГОКК е поднесена кривична пријава против 19 физички и шест правни лица: Н.А. (43), С.К. (46), А.К. (41), М.Ѓ. (47), Ѓ.С. (32), С.М.С. (31) и В.С. (49) за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „злосторничко здружување“, В.А. (61), Р.Т.Ѓ.(53) – косопственичка на правно лице од Скопје, Н.К. (42) – вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.К. (45) – вработен како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, Д.Ф. (44) – вработен во ЈЗУ „Универзитетска клинка за дерматологија Скопје“, М.И.В. (38) – вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.Т. (27), С.Ф. (36) – управител на правно лице од Скопје, К.А. (53)- управител на правно лице од Битола, О.Д. (65) – управител на правно лице од Скопје и С.А. (40) – управител на правно лице од Скопје за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ во врска со чл.22 „соизвршителство“ и „злосторничко здружување“, А.М. (38) за „примање поткуп“, „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ во врска со чл.22 „соизвршителство“ од КЗ, како и против пет правни лица од Скопје и едно од Битола за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

Според МВР, на 23.04.2026 од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, спроведена е полициска акција, при што се сузбиени организирани криминални групи инволвирани во извршување кривични дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“. Во рамките на акцијата, врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, при што лишени од слобода се 14 лица, дел од нив вработени како доктори на скопските клиники, сопственици на дерматолошки ординации и организатори на транспорт и продажба на илегално внесени стоки со статус на медицински лек и медицинско помагало, без одобрение од надлежен орган, без упатство и налепници.
При претресите се пронајдени и одземени поголемо количество медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хилурон), 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци и 26.000 денари, патничко возило марка „порше“, поголема количина парфеми и декларации, мобилни телефони, тревкаста материја,…

-Во текот на 2026 година, пријавените Н.А., С.К., А.К. и М.Ѓ. создале злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и околината, кон кое подоцна се приклучиле В.А., А.М., Р.Т.Ѓ., со користење на правно лице од Скопје, како и пријавените Ѓ.С., С.М.С., В.С. како организатори на злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и Источна Македонија, кон кое подоцна се приклучиле пријавените Н.К., А.К., Д.Ф., М.И.В., А.Т., С.Ф., К.А., О.Д., со користење на правни лица од Битола и Скопје. Со намера да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери набавиле фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (ботокс) од Србија, Кореа и Турција. Овие медицински лекови и помагала биле внесени на нелегален начин на територијата на нашата држава со намера истите да ги складираат, дистрибуираат и продаваат, помогнати од членовите на злосторничкото здружување, во поголемиот дел доктори по професија, и да ги употребат – аплицираат на трети лица. Пријавените иако биле свесни и знаеле дека набавената стока претставува лек и медицинско помагало, согласно Законот за лекови и не била увезена согласно пропишаните правила, како и дека за истата не било издадено упатство и декларација со одобрение од МАЛМЕД, истите вршеле естетски корекции, со што предизвикале општа опасност по животот и здравјето на луѓето, наведува МВР.
Пријавениот А.М., во својство на царински службеник, со намера да оствари за себе противправна имотна корист и да им помогне на пријавените организатори, примил поткуп во два наврати за да изврши службено дејство кое не би смеел да го изврши, односно овозможил влез на нелегалната стока без да биде извршена царинска контрола на пристигнатите две кутии со лекови.
април 25, 2026

