Вести
Потпишан меморандум за нова фаза на „Училишта на 21 век“, фокус на дигиталните вештини и вештачкате интелигенција
Министерството за дигитална трансформација и Британскиот совет денеска потпишаа меморандум за соработка, со кој се воспоставува стратешка рамка за повторно активирање на проектот „Училишта на 21 век“. Иницијативата има цел унапредување на дигиталната трансформација, развој на дигитални вештини и модернизација на образовниот систем во земјата.
Проектот, како што информираат од Министерството, опфаќа подготовка на материјали за учење, работа на учениците со микропроцесори, реални проекти во училиштата, кибербезбедност и основи на вештачката интелигенција.
– Ова партнерство претставува значаен чекор кон продолжување и проширување на успешната програма „Училишта на 21 век“, која во изминатиот период овозможи илјадници ученици и наставници да развијат вештини за кодирање, критичко размислување и решавање проблеми преку практична примена на дигитални алатки, вклучително и micro:bit технологијата – се наведува во соопштението.

Во рамките на новата фаза на програмата се предвидува дополнително зајакнување на капацитетите на наставниците во областите на критичко мислење, решавање проблеми, кодирање, кибербезбедност и основи на вештачка интелигенција, како и проширување на поддршката кон помалите возрасни групи ученици и поттикнување иновативни училишни проекти.
– Особено значајно е што оваа иницијатива ќе се реализира во партнерство со „Македонски телеком“ како долгогодишен поддржувач на дигиталното образование и технолошките иновации. Во следната фаза се предвидува склучување на трипартитен оперативен договор за имплементација на проектот „Училишта на 21 век“ – фаза 2 помеѓу Министерството за дигитална трансформација, Британскиот совет и „Македонски телеком“ – се наведува во соопштението.
Меморандумот го потпишаа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и Клер Сирс, директорка за Западен Балкан и копотписник на меморандумот. На настанот присуствуваа и Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Стела Дурутовиќ, менаџерка за образовни проекти за Западен Балкан, како и Бела Треневска-Шотаровска, менаџерка за комуникации во британската амбасада.
април 25, 2026

