Вести
Царинската управа силно посветена на реформската агенда, со грант-средства од ЕУ се имплементираат проекти вредни 14 милиони евра
Царинската управа во моментот со грант-средства од ЕУ имплементира клучни реформски проекти вредни 14 милиони евра, чија цел е забрзана интеграција во единствениот пазар на Унијата и зголемување на конкурентноста на македонската економија – информираат од Управата.
Суштински чекор, велат од Царината, е воведувањето единствен идентификациски EORI-број за компаниите и за физичките лица, со кој се воспоставува унифициран систем за идентификација на економските оператори и физичките лица во царинските постапки.
– Системот овозможува поефикасно управување со царинските процеси и подобра идентификација во случај на потенцијални закани. По успешно спроведениот пилот-проект, следува тест-фаза, по што ќе почне и официјална примена на системот, со што државата целосно се усогласува со европските царински стандарди во овој домен. Паралелно, почнуваме со реализација на проектот за автоматизација на царинските терминали со кој ја издигнуваме Царинската управа на ниво на модерна европска царинска служба овозможувајќи целосна модернизација на процесите. Во моментот во тек е евалуација на понудите од распишаниот меѓународен јавен повик за набавка на опрема, чија имплементација значително ќе го забрза транспортот, особено на најфреквентните гранични царински терминали – се вели во соопштението од Царинската управа.
Дополнително, во рамките на ИПА-програмата „ЕУ против организиран криминал и поддршка на трговијата“, со грант-средства од два милиони евра Управата ги зајакнува капацитетите на Секторот за контрола и истраги со нови специјализирани возила, опрема, како и нов ИТ-систем за поефикасно менаџирање на кривичните предмети.
Воедно, со силна поддршка на ЕУ, во моментот се работи на возобновување на граничниот премин Маркова Нога со Грција, воспоставување нов граничен премин Клепало и реконструкција и модернизација на граничниот премин Делчево со Бугарија.
– Во рамките на реформите за побрза интеграција во Европската Унија и планот за раст, Царинската управа активно работи на надградба на транзитниот систем преку воведување на фазата 6 од новиот компјутеризиран транзитен систем за кој се обезбедени средства од државниот буџет. Со неговата имплементација дополнително ќе се забрза протокот на движење на стоките овозможувајќи сите безбедносни податоци да се проверат уште пред стоката да пристигне на граница, со што значително се скратуваат процедурите на самите премини – информираат од таму.
Царинската управа, нагласуваат, останува силно посветена на реформската агенда, која овозможува забрзана интеграција во Европската Унија.
април 25, 2026

