Connect with us

Вести

Алиу – Шимун: Унапредување на билатералната соработка, со акцент на евроинтеграцијата

Министерот за здравство Азир Алиу денеска во Министерството за здравство оствари официјална средба со делегација од Министерството за здравство на Црна Гора, предводена од министерот за здравје, Воислав Шимун. На средбата беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на европските интегративни процеси – пишува во денешното соопштение на Министерството за здравство.

– Нашата држава има воспоставено традиционално добра и пријателска соработка со Црна Гора. На средбата со министерот за здравје на Црна Гора изразивме подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка во сегментот на здравствените системи. Имавме содржајна и конструктивна размена на искуства поврзани со процесот на усогласување на националното законодавство со правото на Европската Унија, како и со динамиката и методологијата на пристапните преговори. Особено внимание посветивме на Поглавјето 28, кое се однесува на јавното здравје, како еден од клучните сегменти во процесот на усогласување со европските стандарди – истакнува министерот Алиу во пишана изјава.

На билатералната средба било истакнато заедничкото учество во здравствената мрежа на Југоисточна Европа, каде што, како што се нагласува, особено е значајна улогата на регионалниот центар за незаразни болести во Подгорица, како и регионалниот центар за јавноздравствени системи во Скопје.

– Заедно со министерот за здравје на Црна Гора ги разгледавме можностите за натамошна размена на експерти и медицински кадар, соработка во делот на справување со незаразни болести, како и во насока на зајакнување на јавното здравство, дигитализација и размена на добри практики во здравството преку можностите за заеднички апликации во рамките на регионални и ЕУ-програми – додава Алиу.

На средбата била нагласена важноста од континуирана институционална соработка, со цел обезбедување одржливи и ефикасни реформи во здравствениот сектор, во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита и зајакнување на јавното здравје, во согласност со принципите и вредностите на Европската Унија.

– Министерот за здравје на Црна Гора, Воислав Шимун, на средбата го сподели црногорското искуство во пристапниот процес кон Европската Унија, со посебен осврт на Поглавјето 28, кое се однесува на јавното здравје и чиј процес, како што посочи, е значително интензивиран и се наоѓа во завршна фаза на затворање. Тој информира и за учеството на Црна Гора во програмата EU4Health, при што ги презентира проектите за кои земјата добила поддршка, изразувајќи подготвеност овие искуства да ги сподели, особено во делот на дигитализацијата на здравствениот систем и користење на европските механизми за поддршка на реформите во здравството – се додава во соопштението на Министерството за здравство.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3