Вести
Со изведување материјални докази продолжи судењето во Велес за опожарената куќа во Капиново
Со изведување материјални докази, денеска продолжи судењето во велешкиот Суд за опожарената куќа во село Капиново, општина Чашка, во мај 2025 година.
Тројца беа обвинети дека учествувале во кривично дело. Сашо Муневски и Даниел Димески за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ од член 292, став еден во врска со член 288 став еден во врска со член 22 од Кривичниот законик, а обвинетиот Ѓоре Петровски за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, од член 292 став еден во врска со член 288 став еден, во врска со член 24 од Кривичниот законик.
Претходно, обвинетиот Муневски изјави дека чувствува вина и дека се кае за стореното и се извини на оштетениот за запалената куќа во село Капиново. Тој беше правосилно осуден со казна затвор од седум години.
Другите двајца обвинети рекоа дека разбрале за што се обвинети, но, оти не се чувствуваат виновни.
По предлог на јавниот обвинител Славица Темелковски, во судницата денеска имаше репродуцирање на ЦД-ња со фото-документација и видео-записи од безбедносни камери.
Беше презентиран видео-запис од 10 мај 2025, како што беше појаснето, од влезот за во објектот и затворена капија.
Во 03:30 часот се гледа како пред капијата доаѓа патнички автомобил. Се гледаат две лица пред капијата.
На друго видео, се гледа како се пали светло во објектот. Се гледа како две лица влегуваат во објектот, едно по друго.
Во 03:44 настанува пожар и двете лица излегуваат, едното паѓа од балкон, а другото излегува од влезната врата. Се гледа како пожарот се шири.
април 23, 2026

