Култура
„Музејот како живо место“ – Археолошкиот музеј со иновативен пристап кон пошироката јавност
Археолошкиот музеј на Република Македонија успешно го промовираше новиот пристап во презентација на културното наследство „Музејот како живо место“, насочен кон доближување на музејските содржини до пошироката јавност, особено до помладата публика.
Како што информираат од музејот, настанот е реализиран во соработка со „Reset Experience“ и „Art Room“ и бил осмислен како отворен и динамичен комуникациски формат, преку кој институцијата воспоставува нови канали за современа презентација на културните вредности. Во фокусот била соработката со јавни личности и инфлуенсери активни на социјалните медиуми, со цел културното наследство да се пренесе на автентичен и современ начин.
-Нашата цел е да го направиме музејот отворен, динамичен и релевантен простор, во кој културното наследство не само што се чува, туку активно се комуницира и споделува. Преку вакви настани сакаме да поттикнеме интерес, љубопитност и чувство на припадност кај младата публика-истакна директорката на Археолошкиот музеј на Република Македонија, Магдалена Манаскова.
Во рамки на настанот, во креативна и интерактивна атмосфера, присутните имале можност да се запознаат со дел од најзначајните артефакти од музејската поставка – од праисториски предмети до антички ремек-дела – и да ги доживеат надвор од класичниот музејски контекст. Преку уметнички интервенции и интерактивни содржини, гостите активно учествувале во создавање нови интерпретации на културното наследство.
Од Археолошкиот музеј наведуваат дека настанот е дел од пошироката стратегија за зголемување на институционалната видливост и за привлекување нова публика, со акцент на иновативни пристапи, дигитална комуникација и градење мостови со генерации кои традиционално поретко ги посетуваат музејските простори.
април 21, 2026

