Култура
Изложба „Наследена носија“ на Мила Добревска во Куќата на Робевци во Охрид
„Наследена носија“ е насловот на самостојната изложба на Мила Добревска што в четврток ќе биде отворена во Куќата на Робевци во Охрид.
Како што информираат од НУ Завод и Музеј Охрид, изложбата го отсликува духот на македонската жена, преточувајќи ги традиционалните вредности во современ контекст. Наследените носии, според концептот, не се само облека, туку и начин на претставување и перцепција, како одраз на особините и идентитетот.
Поставката е наменета и за помладата генерација, како потсетник на вредности како добрина, љубов, критичка свест, истрајност и снаодливост.
Преку дуалистичка интерпретација на минатото и сегашноста, делата нудат нови толкувања преку споредби, хармонии и испреплетувања. Инспирирана од традиционалната орнаментика и вез, авторката ги преиспитува основните уметнички елементи користејќи рачно моделирана цементна маса, стакло и иновативни техники на ткаење и сликање, со што традиционалните вредности се пренесуваат во современи уметнички форми.
април 21, 2026

