Економија
Во ХЕ „Шпилје“ во првиот квартал произведени 109 гигават часови електрична енергија
Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е значаен електроенергетски капацитет, во периодот јануари-март произведени се 109 гигават часови електрична енергија, што претставува остварување од 42 отсто од годишниот план.
Споредено со истиот период минатата година произведени се 60 гигават часови електрична енергија повеќе.
-Резервите во акумулацијата „Дебарското Езеро“ во 2025 на 31 март биле 14 GWh, додека на 31 март годинава се 26 GWh, или непрекината работа за околу три недели. Од тоа може да се заклучи дека ланската година била една од најсушните, додека првото тромесечје од оваа година е едно од најповолните хидролошки периоди за ХЕ „Шпилје“, изјавија од ЕСМ.
Според истиот извор, кога станува збор за просечната кота на Дебарското Езеро за месец март таа е 573,50 метри надморска височина, што е 5 метри над просекот за март. Вкупниот дотек од ХЕ „Глобочица“, односно Црн Дрим и локален слив од река Радика 61,50 кубни метри вода во секунда.
Хидроелектраната „Шпилје“, заедно со ХЕ „Глобочица“ го сочинуваат хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“.
-Моменталната погонска состојба на Подружница ХЕС „Црн Дрим“ е се висока погонска спремност на двете хидроелектрани, со располагање на сите 5 Агрегати. Очекуваме дека повремените локални врнежи, како и топењето на снегот кој веќе започна од околните планини и ќе продолжи во наредниот период, нема да претставуваат никаков проблем за преработка преку хидроагрегатите, како и складирање на дел во акумулациите, кои ќе се користи во понатамошниот период од годината, посочуваат од ЕСМ.
Средното годишно производство на ХЕ „Шпилје“ е 275 GWh, a максимално годишно производство е забележано во 2010 година, кога беа произведени 519 GWh.
април 14, 2026

