Connect with us

Вести

Јапонија додели два гранта за здравството и за противпожарната заштита во земјата

Во Амбасадата на Јапонија денеска беа потпишани два нови договора за грант во рамките на ГГП-програмата за мали проекти за човекова безбедност, со вкупна вредност од 81.956 евра. Грантовите се наменети за Универзитетската клиника за ендокринологија – Скопје и за Општина Свети Николе.

Амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара, истакна дека проектите претставуваат продолжување на долгогодишната соработка меѓу двете земји и придонесуваат за зајакнување на основните системи за здравствена и јавна безбедност.

– Со денешната церемонија сакаме да ги покажеме подготвеноста за понатамошно зајакнување на пријателството меѓу Јапонија и Северна Македонија и нашата континуирана поддршка за реформските процеси. Преку ГГП-програмата од 1996 година досега поддржавме 190 проекти во здравството, образованието и животната средина – рече Кавахара.

Првиот грант е наменет за набавка на нов ултразвучен систем за Клиниката за ендокринологија. Директорот на клиниката, д-р Ирфан Ахмети, нагласи дека новата медицинска опрема ќе придонесе за подобрување на дијагностиката и третманот на пациентите.

– Новата технологија ќе овозможи побрза и попрецизна дијагностика, подобро следење на ендокринолошките заболувања и поефикасно приспособување на терапијата. Клиниката годишно згрижува над 15.000 пациенти, а овој апарат значително ќе ги подобри условите за работа – изјави Ахмети.

Вториот грант се однесува на Општина Свети Николе за потребите на локалната Територијална противпожарна единица. Градоначалникот на општината, Дејан Владев, ја истакна важноста на донацијата за јавната безбедност.