Connect with us

Вести

Мајка на загинато момче од „Пулс“ го обвини сведокот, кој работел во дискотеката Пулс, за лажен исказ: Загинаа твои другари, за кого лажеш?

Функционирањето на клубот, неговата внатрешност, издавањето карти при влез, па се до моментот кога избувнал пожарот и кога димот и чадот ја зафатиле преполната дискотека, како и последиците што ги трпат до денес, беа дел од исказите на сведоци во судницата во Идризово на денешното продолжение на судењето за случајот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Прв сведочеше гостин во дискотеката „Пулс“, којшто во пожарот се здобил со телесни повреди, за што бил на лекување во Словенија каде на отпусното писмо, како што рече, му стоело дека 100 осто му биле црни белите дробови и изгорени дишните патишта.

Сведокот, на прашања од Обвинителството, одговараше за изгледот и уредувањето на дискотеката по нејзиното реновирање, како и за моментот на избувнување на пожарот и кога настанал „густ црн чад со мирис на пластика“, како и за моментот на паника и стампедо кон излезот од дискотеката.

Од повредите со кои се стекнал чувствува последици и ден денеска, како намален капацитет на дишење. Тој најави имотно правно побарување и приклучување кон кривичното гонење.

Вториот сведок, кој работел хонорарно во дискотеката како шанкер од нејзиното отворање во 2012 година, кажа дека договор немал потпишано и работел како неосигуран, се до 2023 кога бил пријавен на пола работно време.

Овој сведок предизвика многу полемика во судницата со своите одговори. Најпрво тој беше испрашан од Обвинителството, а потоа одговараше на вкрстени прашања од одбраната, за потоа да биде сослушан и како сведок на дел од обвинетите, па потоа повторно да одговара на вкрстени прашања од Обвинителството. На крајот, неколку прашања му постави и судот. На прашање од Обвинителството, сведокот каж дека кобната вечер работел како шанкер.

Деко е газда и тој даваше наредби. На крајот од денот, кога ќе завршеше ни се плаќаше дневница од 1.500 денари“, рече сведокот.

Одговарајќи на прашања од Обвинителството, сведокот рече дека во дискотеката имал видено два или три пп – апарати, како и ознаки за хидранти, но такви не видел. Како вработен во дискотеката, рече дека немал обука за заштита при работа.

Дискотеката има два, односно три влеза, но едниот е преку билетарата. Едниот е на главниот влез, па мало ходниче, другиот е една стандардна врата лево од бината. Вратата е во функција, но не знам дали некој влегувал или не вечерта. Таа вечер не знам, но друг пат сум видел кога имало многу гужва да се отвора за да се проветри“, кажа сведокот.

Кобната вечер, тој бил на работа, но не видел кој ја активирал пиротехниката.

Вечерта околу 500 луѓе имаше, по моја проценка. Сите 82 маси, колку што има дискотеката, беа полни“, изјави сведокот, посочувајќи дека имало и малолетници.

Вечерта околу 2.35 часот, според сведокот, бендот извикал дека гори и го видел газдата Деко како зема пп апарат и оди да гаси.

Пиритехника во дискотеката, сведокот рече дека се користела и претходно, а за тоа Деко ангажирал човек од Скопје.

Тој доаѓаше со возило бел пикап на кој пишувало пиротехника“, рече сведокот.

Контроли во дискотеката, според сведокот имало, но забавата не била прекинувана.

Огнот се ширеше многу брзо. Луѓето не го сфатија многу сериозно. Имаше што стоеа на вратата и снимаа. Јас бев до вратата, ама не можев да излезам. Јас веднаш се префрлив во вецето. Имаше пет девојчиња, три излегоа порано и од вратата влезе многу час. Ние останавме до прозорецот дур не се расчисти до кај 3.15“, рече сведокот.

То поосчи дека од пожарот имал последици со дишењето и намалена сатурација и бил на лекување во Грац. Најави дека бара оштета, но не се приклучува на кривичен прогон.

Прашан од одбраната на газдата Деко, дали критичната вечер го видел човекот со бела коса што рече дека го викал газдата Деко за местење на пиротехниката, сведокот рече – не.

На сведокот, на барање на еден од авокатите му беше предочен исказ што тој го дал во Обвинителството, каде кажува дека не видел дека има поставено и кој поставува пиротехника на бината, но откако завршило поставувањето на бендот ДНК на бината видел две црни конусни кутии.

Јас и тогаш и сега кажав дека не знам дали се пиротехника, само ги опишав по форма“, појасни сведокот.

Истиот сведок, бидејќи бил предложен од дел од одбраната, одговараше и на директни прашања од нив.

Во директно прашање од одбраната на газдата Деко, дали неговиот син Михаил бил одговорен за резервации во дискотеката, сведокот рече – не, појаснувајќи дека тоа го правеле хостеси, кои постојано се менувале.

На прашање на друг бранител, дали некогаш во дискотеката имало контрола од УЈП, сведокот рече дека последно што се сеќава било во 2024 година, кога било констатирано дека има расипана една фискална каса, но дека дискотеката не била затворена.

Обвинителството реагираше на делови од исказот од сведокот, по што почна да му посочува делови од неговиот исказ во Обвинителството, на што реагираше одбраната дека му се прави притисок на сведокот.

На прашање од Судот, дали кога во дискотеката имало контроли имало и малолетници и дали тие биле регистрирани, сведокот рече – да.

Да, нормално. Ги отстрануваа и ќе го запише со име и презиме“, изјави сведокот.

Третиот сведок, рече дека вечерта на пожарот бил излезен во друг кафич, а бил во дискотеката „Пулс“ на кратко за да се види со еден од членовите на бендот.

Кога бев таму не видов да поставуваат пиротехника или нешто такво. Од таму се вратив во кафичот Гинис, и откако заврши тоа таму, пак околу 2 часот се вратив во дискотеката со пријател и неговите две деца“, рече сведокот.

Кога се вратил во дискотеката, сведокот рече дека не купил карта, додека за тие со него не е сигурен.

Обезбедувањето потоа на влез мислам не праша за билет, ама јас му реков во ред е и продолжив. Влегов не ме застана. За другите не знам“, рече сведокот.

Прашан дали децата на неговиот пријател биле легитимирани на влез, сведокот рече, не се сеќава, ама мисли дека не, зошто, како што рече, „беа со родител”.

Кратко отакако влеговме на една од песните беа активирани, мислам две, ама не сум сигурен прскалки. После забележавме дека нешто гори и тој на микрофон рече “Дејан, Дејан, овде нешто се запали”, но огнот брзо се рашири и мислам по две-три, па и пет минути Панчо во паника на микрофонот пак рече да се повлечеме надвор и дека ќе се вратиме за десет минути“, појасни сведокот.

Прашан дали некој од присутните се обидел да го изгаси огнот, сведокот рече првично не, но потоа на снимки го видел Виктор Јорданов како го гаси пожарот со ПП апарат.

Според него, повеќето гости не многу сериозно ја сфатиле ситуацијата и многу бавно се движиле.

Освен Панчо не сум слушнал некој друг да рече да излеземе. Сите се упативме кон излезот, ама јас не можев да излезам зошто имаше толпа. Мене ми беше заглавена ногата. Го видов другарот Петар, исто заглавен позади мене. Тогаш не, ама после ми кажа дека тој своите деца ги спасил така што ги истуркал напред. Јас не се сеќавам како точно излегов, дали сам или некој почна да ги вади луѓето, па се одглавив“, изјави сведокот.

Кога излегол сведокот, рече дека бил свесен, по што со автомобил се упатил во болницата во Кочани. -Таму беше хаос и ја викнав сопругата да одиме за Скопје. Од Систина не пратија во Градска. Мене дишењето ми беше се потешко и ме ставија на респиратор. Од таму бев пратен на лекување во Полска, каде бев 24-25 дена, појасни тој.

Сведокот рече дека вечерта кога настанал пожарот во дискотеката имало полиција, која била во униформа.

Полицијата влезе многу кратко пред да настане пожарот, дури Панчо мислам дека и ги поздрави дека влегле“, изјави сведокот.

Во дискотеката, сведокот претходно како Ди-џеј, од нејзиното отворање 2012, па се до 2017-18 година, во кој период, како што рече имал околу 100 настапи.

Настапувал хонорарно и немал склучен договор, а настапите, како што рече, ги договарал со газдата Деко.

Сведокот преднајави оштетено побарување и дека се приклучува кон кривичниот прогон.

Марија Петрушева пак, мајка на Андреј едно од загинатите момчиња во пожарот во дискотеката Пулс, јавно реагираше по сведочењето на Дејан Манасиев во судот, обвинувајќи го дека го сменил својот првичен исказ и дека со тоа ја доведува во заблуда и јавноста и правдата.

Во емотивно обраќање, Петрушева истакна дека Манасиев изгубил свои колеги и блиски пријатели во трагедијата и праша зошто, според неа, сега ја менува вистината. Таа нагласи дека голем број сведоци потврдиле оти плафонот бил спуштен и обложен со сунѓерест материјал, што дополнително ја поткопува веродостојноста на неговото сведочење.

Мајката на Андреј наведе и дека Манасиев и раскажал сосема поинаква верзија за последните моменти на нејзиниот син веднаш по несреќата. Како што тврди, во приватна комуникација тој ѝ опишал обид за бегство низ густ чад, при што заедно со Андреј и уште еден келнер се упатиле кон излезите. Таа вели дека располага со пораки од „Месинџер“ кои го потврдуваат тоа.

„Тогаш ми кажа дека не се гледало ништо од чадот и дека настанал хаос додека луѓето се обидувале да излезат. Денеска, пак, зборува за млади лица кои снимале со телефони и дека тоа било причина за стампедо што е целосно спротивно од она што првично ми го кажа“, изјави Петрушева.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2