Скопје
Ѓорѓиевски се сретна со амбасадорката на САД, Агелер
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска се сретна со делегација од Амбасадата на САД предводена од амбасадорката Анџела П. Агелер, која беше прва посета во Градот Скопје откако е на својата должност, информираат од Град Скопје.
-Денеска со особено задоволство бев домаќин на делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, предводена од амбасадорката Н.Е. Анџела П. Агелер. Во делегацијата учествуваа и Дејвид Маерс, шеф на Политичко-економскиот оддел, како и Розита Мреношки, помошник за политичко-економски прашања. Ова е прва посета во градот Скопје на амбасадорката Агелер откако е на својата должност. Ја информирав за изборната програма, за динамиката на нејзина реализација и тековните проекти кои Град Скопје ги спроведува, напиша Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил.
Разговаравме, вели тој, отворено за предизвиците, визиите и стратешките приоритети за развој на градот во следните години.
-Особено важно беше заедничкото согледување на потребата од бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа.
Се согласивме дека само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество. САД се наш докажан и долгогодишен стратешки партнер. Поддршката што ја добиваме од Соединетите Држави во развојот на институциите, демократијата и економијата е од огромно значење за нашиот напредок, пишува Ѓорѓиевски.
Уверен е дека ова партнерство ќе се продлабочува и ќе продолжи да создава нови можности за жителите на Скопје.
-Продолжуваме заеднички да градиме силни врски, стабилност и перспективи, за Скопје што расте, се развива и го заслужува најдоброто, пишува градоначалникот на Град Скопје.
декември 12, 2025

