Connect with us

Општини

Македонците од Албанија со честитка за Денот на независноста на татковината

Честитка по повод Денот на независноста, од име на Македонците во Албанија до сите сонародници каде и да се, упатија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), македонските друштва „Илинден“ и „Преспа“.

-Овој ден е симбол на долгогодишна борба на Македонците за самостојност, слобода и достоинство. На овој историски датум пред 34 години, Македонците храбро и достоинствено го заокружија својот стремеж кон независна држава, исполнета со слобода, суверенитет и иднина заснована на европски вредности и демократски принципи. Овој ден ни дава поттик и обврска да продолжиме да ја чуваме и градиме Република Македонија како силна, стабилна и просперитетна држава, дел од големото европско семејство, стои во честитката на МАЕИ.

Посакуваат „да ја славиме нашата заедничка историја и да го чествуваме нашето единство, идентитет и култура, каде и да се наоѓаме во светот“ и порачуваат дека „како Македонци во Албанија, и ние го делиме гордото наследство на нашата мајка татковина, стоејќи цврсто зад принципите за мир, соработка и интеграција“.

-8 Септември го трасираше патот за посветла иднина на нашата матична држава, да е вечен овој голем ден, да го почитуваме и славиме. Овој историски ден, е симбол на одлучноста и непоколебливоста на македонскиот народ да го оствари својот вековен стремеж и да изгради независна и суверена држава. Нека ни е честит и вековит денешниот празник, нека е вечна нашата татковина, Република Македонија“, стои во честитката на МД „Илинден“.

Во честитката на МД „Преспа“ меѓу другото се наведува дека „како Македонци од Албанија гордо го славиме празникот на нашата мајка татковина“.

-Со гордост и силна љубов кон татковината, го честитаме овој историски ден -симбол на слободата, достоинството и иднината на македонскиот народ. Нека ни е честит празникот! Да живее Македонија, стои во честитката.