Connect with us

Вести

Прв случај на западнонилска треска во Македонија – вирусот регистриран кај 55-годишен маж од Велес

Педесет и петгодишен маж од Велес е првиот регистриран случај на западнонилска треска во Македонија оваа година, информира Институтот за јавно здравје на својата официјална веб-страница. По појавата на првите симптоми, биле направени лабораториски анализи со кои било потврдено присуството на вирусот.

На 15.05.2026 година, Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ беше известен за потврден случај на западнонилска треска кај 55-годишно лице од Велес, по што веднаш беше информиран ЦЈЗ-Велес. Кај пациентот првите симптоми започнале со висока температура, осип, малаксаност и нарушена свест. Поради влошување на состојбата, пациентот бил хоспитализиран на Универзитетската клиника за инфективни болести (КИБФС), каде што со лабораториски испитувања во Вирусолошката лабораторија при ИЈЗ биле докажани IgM антитела за West Nile вирус во ликвор“, стои на официјалната страница на Институтот за јавно здравје.

Пациентот во моментот е во подобрена состојба, а епидемиолошките анализи покажале дека пациентот не патувал надвор од државата и немал контакт со други лица со слични симптоми. Педесет и петгодишниот ретко излегувал од дома.

Западнонилската треска во Македонија се појавува спорадично, а поради зголемената активност на комарците, можно е да се регистрираат и нови случаи, наведуваат од Институтот за јавно здравје на својата веб-страница. Ризикот засега се оценува како среден, а од велешкиот Центар за јавно здравје веќе е спроведена дезинсекција како превентивна мерка.

Во текот на минатата година во Македонија биле регистрирани двајца пациенти заболени од западнонилска треска, додека во Европа биле евидентирани вкупно 1.112 случаи.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1