Филм
Лупита Њонго за критиките за „Одисеја“: Нашата екипа го претставува светот
Кениско-мексиканската глумица Лупита Њонго возврати на критиките за нејзината улога во новиот филм „Одисеја“ на Кристофер Нолан. „Оскаровката“ ја глуми Елена Тројанска во филмот со голем буџет, којшто ќе излезе во јули, а ќе се појави покрај Мет Дејмон, Ен Хатавеј, Том Холанд и Зендеја.
Во ново интервју за „Ел“, Њонго беше прашана за критиките од, на пример Илон Маск за изборот на темнокожа актерка за митскиот лик. Технолошкиот мултимилијардер го обвини Нолан дека ја ангажирал глумицата инспириран од „ДЕИ“ доктрината (разновидност, еднаквост и инклузија) бидејќи сака да освои награди. Последниот филм на Нолан, „Опенхајмер“, со претежно „бела“ екипа, освои седум „Оскари“, вклучувајќи ја и наградата за најдобар филм.
– Тоа е митолошка приказна. Целосно ја поддржувам намерата на Крис и верзијата на оваа приказна што ја раскажува. Нашата екипа го претставува светот. Не би губела време бранејќи го. Ќе има критики без разлика дали ќе се справам со тоа или не, рече Њонго.
– Да се биде дел од „Одисеја“ е неверојатно бидејќи филмот е толку голем. Опфаќа цели светови. Затоа екипата е таква каква што е. Ние сме дел од епската нарација на нашето време, додаде таа.
Порано оваа недела, Џими Кимел го исмеа Маск за неговите коментари, велејќи му „да си ја гледа работата“. Алек Болдвин, исто така, ја бранеше Њонго, пишувајќи на Инстаграм: „Драг Илон… Но, таа е најубавата жена на светот“. Вупи Голдберг, исто така, го критикуваше Маск.
Филмот е критикуван и поради тоа што, според официјално непотврдените информации, Елиот Пејџ (порано познат како Елен Пејџ) ќе го глуми Ахил.
– Навистина не мора да го гледате филмот. Не знам зошто чувствувате дека мора да зборувате за ова. И би ви предложила да се погледнете во огледало ако сте загрижени за изгледот на луѓето, рече таа.
Њонго, чија филмографија вклучува хитови како „Ние“, „Црниот Пантер“, „Дивиот робот“ и „12 години роб“ за којшто доби и „Оскар“, вели дека не е изненадена од луѓето кои сè уште не ја сакаат.
– Ќе ги најдете луѓето кои веруваат во вас и ќе продолжите понатаму. Сакам да верувам дека сум создадена за трајни нешта, рече таа.
„Одисеја“ – филм со буџет од околу 250 милиони долари, излегува на 17 јули
мај 23, 2026
