Connect with us

Филм

Нетфликс заинтересиран за филмот со Пенелопе Круз кој доби најдолги овации во Кан

Нетфликс ќе ги преземе правата за американска дистрибуција на филмот „Црната топка“ („The Black Ball“), прикажан на овогодишниот Филмски фестивал во Кан, во кој споредни улоги играат Пенелопе Круз и Глен Клоуз, пренесе Холивуд Репортер.

Филмот е дело на режисерското дуо Хавиер Амброси и Хавиер Калво, познати во Шпанија како „Лос Хавис“ („Los Javis“), кои заедно со полскиот режисер Павел Павликовски ја добија наградата за најдобар режисер на фестивалот во Кан. Светската премиера на филмот се одржа во четвртокот во Кан, придружен со долги и гласни овации.

„Црната топка“ е квир еп кој ги следи приказните на тројца мажи во три различни временски периоди – 1932, 1937 и 2017 година, чии судбини се поврзани преку последните дела на шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка.

Станува збор за првиот долгометражен филм на режисерското дуо по нивниот филм „Светиот камп!“ („Holy Camp!“) од 2017 година. По премиерата во Кан, филмот доби овации кои траеја околу 20 минути, што се смета за најдолг аплауз забележан на овогодишното издание на фестивалот.

Нетфликс сè уште официјално не го потврдил договорот за преземање на правата. Продуцентите на филмот од шпанската компанија „Мовистар плус“ (Movistar Plus), за „Холивуд Репортер“ изјавија дека преговорите сè уште се во тек. Во Шпанија, дистрибуцијата на филмот е закажана за октомври, под издаваштво на куќата „Еластика“ (Elastica), додека француската кинематографска дистрибуција ќе ја преземе компанијата „Ле пакте“ (Le Pacte).

Критичарите исто така позитивно го оценија филмот. Во својата рецензија Ричард Лосон го опиша „Црната топка“ како размислување за голем дел од изгубената геј историја. Тој ги пофали режисерите за „блескавиот спој на современа поп-сензибилност и класична кинематографија“.

– На фестивали како Кан се доаѓа делумно и за да се сведочи на појавата на нови големи филмски автори, а Црната топка“ е токму таков филм, изјави Лесон.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1