Вести
Андоновски: Кибернападите се реална закана, но државните системи покажаа подготвеност и отпорност
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информираше дека изминатиот викенд државната инфраструктура била цел на сериозен и софистициран кибернапад.
Станува збор за DDoS-напад насочен кон веб-страниците на Владата, министерствата и националниот портал uslugi.gov.mk, при што преку милиони барања, распределени во подолг временски период, бил направен обид да се предизвика оптоварување и нарушување на достапноста на системите.
„Напади ќе има. Мора да бидеме будни. Како НАТО-членка мора да се однесуваме со највисока сериозност кога станува збор за заштитата на дигиталната инфраструктура и податоците што се дел од државните системи“, порача министерот Андоновски.
Според извршените проверки, нема инфилтрирани, украдени или избришани податоци. Државните податоци остануваат заштитени, а нападот не успеал да ги пробие безбедносните механизми поставени за заштита на системите.
Како превентивна мерка, системот бил привремено ставен во заштитен режим 20-ина минути, со цел да се изврши проверка и скенирање на состојбата. По завршувањето на проверките, системите биле вратени во нормално функционирање.
Првичните анализи покажуваат дека нападите доаѓале претежно од надвор, преку прокси -ервери, со цел прикривање на вистинските траги. Случајот е предаден во Министерството за внатрешни работи, кое ќе ја води понатамошната истрага.
Андоновски нагласи дека овој напад претставува уште една потврда дека кибербезбедноста не е само техничко прашање, туку прашање на национална безбедност, институционална зрелост и доверба во дигиталните услуги.
„Ова беше сериозен тест за системот, но и доказ дека државата гради капацитети за брз, координиран и ефикасен одговор. Сакам да го пофалам тимот на Министерството, владиниот CIRT и сите економски оператори со кои соработуваме. Заканата беше навремено препознаена, координацијата беше брза, а системите беа вратени во нормала“, истакна Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација продолжува со зајакнување на националните капацитети за кибербезбедност преку спроведување на Националната стратегија за кибербезбедност 2025 – 2028, воспоставување јасна законска рамка и развој на институционални механизми за мониторинг, координација и брз одговор на инциденти.
Кибернападите се реалност со која се соочуваат сите модерни држави. Затоа дигиталната трансформација мора да оди заедно со силна киберзаштита, подготвени институции и континуирано следење на состојбите во дигиталниот простор.
мај 22, 2026
