Connect with us

Вести

Кривична пријава за градоначалникот на Врапчиште, ислатил над 190.000 евра откако тендерот бил поништен

Управа за финансиска полиција поднела кривична пријава против актуелен градоначалник поради сомнежи за злоупотреба на службената положба при реализација на јавна набавка вредна милиони денари.

Според информациите, кривичната пријава е доставена до Основно јавно обвинителство Гостивар против И.Ш., во својство на градоначалник на Општина Врапчиште.

Тој се сомничи за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, согласно член 353 од Кривичниот законик.

Според наводите во пријавата, градоначалникот во текот на 2025 година наводно ги пречекорил своите службени овластувања и постапил спротивно на Законот за јавни набавки.

Случајот се однесува на договор за реконструкција на локален пат во селото Добридол, на потегот од центарот на селото до сервисниот пат покрај државниот пат А2 на делницата Тетово–Гостивар.

Според истрагата, договорот бил склучен без да се почека конечната одлука по поднесена жалба пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Дополнително, иако комисијата подоцна ја поништила одлуката за избор на најповолен понудувач, градоначалникот сепак извршил исплата кон избраната компанија врз основа на веќе склучениот договор.

Со таквото постапување, според Финансиската полиција, на правното лице му била овозможена противправна имотна корист во износ од 11.848.675 денари.

Надлежните институции продолжуваат со постапката, а обвинителството треба да утврди дали ќе биде поведена понатамошна кривична постапка против градоначалникот.

Исен Шабани, актуелниот градоначалник на општина Врапчиште, политички припаѓа на партијата Алијанса за Албанците (АА). На локалните избори во јануари 2026 година, тој ја освои победата за свој трет градоначалнички мандат како кандидат од коалицијата Национална алијанса за интеграција.

Во август 2017 година беше именуван за вршител на должноста директор на Државниот пазарен инспекторат.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1