Вести
Се зголемува бројот на пациенти со инфламаторни цревни заболувања, клучни се превентивните прегледи
Бројот на пациенти со инфламаторните цревни заболувања, како во светот така и во државата, се зголемува. Речиси 200 заболени на 100.000 жители има во државата. Често пациентите доаѓаат во многу тежок стадиум на болеста, со изгубена телесна тежина, крвават, анемични, малаксани, постојано земаат боледување, а им е непријатно поради природата на болеста да се јават на лекар. Превентивните прегледи се клучни за раното откривање на овие заболувања – изјави денеска директорката на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, проф.д-р Мери Трајковска, на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свеста за инфламаторните цревни заболувања.
Таа посочи дека причината за пораст на тој број, а особено во индустријализираните земји, е што заболувањата се мултифакторијални, имаат влијание генетските фактори и факторите на околината, а најмногу стресот, една имунолошка реакција несоодветна на нормалната имунолошка реакција, практично имунитетот го напаѓа сопствениот организам наместо надворешните фактори.
– Недостига маркетиншка кампања за да се подигне свеста за заболувањето. Не само што луѓето не се свесни за болеста туку, поради природата на болеста, се работи за хронична дијареја и им е непријатно да се јават на лекар. Поминува долго време пред да се јават на лекар, кога се веќе во фаза во која се изнемоштени, кога не може да функционираат и кога веќе е поминат, така да кажам, првиот воз, кој треба да се фати за терапијата да биде успешна – рече проф. д-р Трајковска.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои превентивни прегледи треба да ги направат луѓето, рече дека честопати им е непријатно бидејќи дијагнозата се воспоставува со ендоскопски преглед на дебелото црево, колоноскопија, со земање биопсија за хистолошка потврда на болеста. Појасни дека прегледот е малку непријатен.
– Луѓето се склони да им веруваат на своите пријатели, роднините, комшиите, меѓутоа може да направат едноставен преглед со земање фецес, измет, да се провери фекалниот калпротектин, кој е биомаркер и е карактеристичен за цревните инфламаторни заболувања. Ако тој биомаркер е зголемен, тогаш има индикација за посериозни натамошни испитувања. Значи, сите што имаат проблем со зачестено празнење на цревата, особено ако забележат слуз и крв во изметот, ако тоа се случува подолг период, повеќе од четирипати на ден, и ако притоа им се намалува телесната тежина, треба веднаш да се јават на лекар за да се направат тие примарни лабораториски испитувања, кои не се непријатни, а ќе укажат кои иследувања понатаму треба да се преземат – рече проф. д-р Трајковска.
На овие пациенти, потенцира таа, им треба голема сестрана поддршка, значи не само медикаментозна биолошка терапија, туку бараат поддршка и од средината во која живеат, функционираат, бараат психолошка поддршка заради намалување на стресот, а тука има и некои теории за влијанието на цревниот микробиом, бидејќи во нашиот организам живеат милијарди бактерии, кои имаат голем учинок во појавата на ова заболување.
– Пред пет-шест години немаше сериозен лек. Ги поздравувам Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Министерството за здравство, кои во 2019 година овозможија во Македонија да влезе биолошката терапија, која им го олесни животот на овие пациенти. Оние што одговараат на терапијата може да водат нормален живот, своите секојдневни навики да ги имаат како и другите луѓе, да не бидат оптоварени со болеста и да може да функционираат како и остатокот од популацијата. Со оваа иницијатива сакаме да ја подигнеме свеста за овие заболувања и да им дадеме поддршка на оние што имаат симптоми, а не се јавуваат на лекар, тоа да го направат што побргу затоа што влијанието на раната дијагноза е многу важно за исходот на терапијата – истакна проф. д-р Трајковска.
Посочи дека сакаат да ги поттикнат пациентите повторно да се координирааат, да направат иницијатива за да може да ја постигнат својата цел за вклучување и нови терапии. Во последните две години, нагласи таа, има повеќе од 15 биолошки лека, кои се во фаза на претклиничко или клиничко истражување.
– Се надевам дека благодарение на Фондот и Владата ќе дојдеме и до овие препарати затоа што има многу покомплицирани форми на болеста, кои бараат повеќекратна терапија, синергистичка терапија од еден или повеќе биолошки лекови заедно – додаде проф. д-р Трајковска.
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски изјави дека само со поврзаност меѓу институциите, Министерството за здравство, ФЗО, академската заедница, професорите и пациентските здруженија и заедничко работење може да се подобри квалитетот на здравствената услуга и да се подобри квалитетот на живот на пациентите.
– Превенцијата е најзначајна бидејќи тоа значи откривање на болеста во рана фаза. Исто така, и за државата тоа е многу значајно бидејќи со превенцијата во голема мерка ќе се заштедат многу средства – додаде Андовски.
Генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, рече дека биле едни од иницијаторите да се одбележи Светскиот ден за подигнување на свеста за инфламаторните цревни заболувања.
– Стремежот на Фондот е за сите болести, ревматолошки, имунолошки, автонимуни, во групата во која се и инфламаторните болести на цревата, да направиме обид да се зголеми свесноста за побрзо откривање и да промовираме дека има и нехируршки начин на третман. На Неврологија веќе постигнавме целосно вклучување на пациентите со мултиплекс склероза, се вклучуваат и други групи и сметаме дека и тука можеме да направиме подобрување со вклучување повеќе пациенти со биолошка терапија, а не само со хируршки начин на третман, како што беше досега – додаде Клековски.
Пациент со Кронова болест, кој присуствуваше на одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свеста за инфламаторните цревни заболувања, изјави дека животните обврски за овие пациенти се потешки и посложени.
– Новите современи текови за лекување, третирање на овие пациени, ќе овозможат што подобар живот и сите овие предизвици со кои секојдневно досега сме се соочувале да бидат на многу пониско ниво, односно сè да биде подобро и понормално за функционирање – рече пациентот.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека терапиите што ги примаат овие пациенти овозможуваат квалитетен одговор на болеста и се заблагодари до медицинскиот тим од Клиниката за гастроентерохепатологија за сите третмани.
– Огромен напор вложуваат на Клиниката, а за пациентите битен е и разговорот, особено психо-социјалната поддршка и разбирањето од околината – додаде пациентот.
мај 20, 2026
