Connect with us

Вести

Претседателката Сиљановска-Давкова ја посети Македонската православна црква во Љубљана

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која престојува во официјална посета на Република Словенија, денеска во Љубљана ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ и оствари средба со членовите на Сојузот на Македонските културни друштва и Црковните одбори.

Во црквата македонската претседателка присуствуваше на неделна служба. По нејзиното завршување на барање на црковната заедница таа се обрати пред присутните верници.

-Каде и да сме по светот имаме еден заеднички дом, заедничко црковно катче каде може да се собереме – рече претседателката.

Црквата и религијата, додаде таа, се многу важни за македонскиот народ и за опстојувањето на неговиот долг пат.

Сиљановска-Давкова, пак, по средбата со претставниците на културните друштва о црковните одбори вели дека со верниците во пријателска атмосфера, разговарала за нивниот живот далку од дома, за поврзаноста со татковината и за улогата на македонската традиција, јазик и култура во зачувувањето на македонскиот дух. 

-Членовите на Сојузот на македонските културни друштва и претставниците на црковните одбори ме запознаа со нивната работа и со напорите што ги вложуваат во негувањето и зачувувањето на македонскиот идентитет. Преку фестивали, литературни и ликовни настани, фолклорни ансамбли и бројни културни проекти, тие им ја пренесуваат македонштината на младите генерации, вели македонската претседателка.

Сиљановска Давкова денеска во македонската Амбасада во Љубљана ќе се сретне и со македонски иселеници кои работат во областа на науката, културата, медицината, а дел од нив се и добитници на признанија во Словенија.

Претседателката Сиљановска-Давкова попладнево ќе одржи состанок со членовите на Македонско-словенечкиот бизнис клуб, додека во Крањ ќе го посети Македонското културно друштво, во чии простории се наоѓа и првата македонска библиотека.

Сиљановска-Давкова утре во Љубљана ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.

Предвидено е претседателките да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на македонската и словенечката делегација.

Сиљановска-Давкова ќе оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.

Во рамки на посетата на Словенија предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните.

Во вторник, претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1