Connect with us

Економија

Мајк Зафировски: Иновациите се можност за Македонија, потребни се посилни бизниси, паметна регулатива и повеќе извозни производи

Фокусирајте се на она што можете да го контролирате. Ние сме релативно мала земја, случувањата во остатокот од светот може да нè парализираат. Тоа им го порача Мајк Зафировски на политичарите и на сопствениците на бизниси, еден од основачите на „Македонија 2025“, од самитот во Скопје, кој годинава се одржува со мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“.

Според него, силна, независна, демократска Македонија би била одлична за граѓаните, за регионот, за Европа и за светот.

Забележа дека Европа значително заостанува во однос на иновациите, што е една од можностите за Македонија.

Имате многу регулативи за приватност и тоа е прашање на тоа која е вистинската рамнотежа меѓу напредокот на иновациите и заштитата на начинот на живеење. Не се залагам за тоа што може или што треба да се случи, но инвестициите ќе бидат значајни, ќе има победници и губитници, како и во секоја индустриска трансформација. И доколку Македонија постапи мудро, ќе може да привлече вистински инвестиции и инвеститори, но и да комуницира со граѓаните на начин што ќе помогне да се ублажат стравувањата од негативните последици или од тоа што би можела да донесе вештачката интелигенција, подвлече Зафировски.

Важно прашање за него е и невработеноста кај младите и дел од предизвикот е како да се искористат можностите за да се подобри сè.

Колку сте погласни, а премиерот Мицкоски е сè погласен, толку повеќе можете јасно да кажете што може и што треба да се направи. Значи, да, постојат предизвици низ целиот свет, но има и многу посветени граѓани, вклучувајќи ме и мене, кои и приватно и јавно се обидуваат да укажат што може и што треба да се направи. Но повторно, кога станува збор за Македонија, за тоа каде сме економски и каков ни е квалитетот на живот, лесно е тие причини, не би ги нарекол изговори, да се користат како оправдување зошто не можеме подобро. Она што го кажав утрово е, на многу начини, за да ги охрабрам луѓето да ги направат потребните подобрувања наместо да бидат парализирани од глобалните проблеми и да не се движат напред за навистина да им помогнат на граѓаните таму каде што можат, рече Зафировски, одговарајќи на новинарски прашања на Самитот.

Навраќајќи се на ветувањата од Чикаго дадени пред две години тој потсети дека едно од нив е да направат сè што за да се елиминира корупцијата.

Корупцијата е зло кое постои во многу земји. За жал, ниту ние не сме исклучок. Има добар напредок на ова поле, но повторно: праведна земја каде луѓето имаат доверба останува предизвик број еден. Направен е добар напредок. Мислам дека дигитализацијата и другите напори навистина можат да ни помогнат да се придвижиме напред, истакна Зафировски.

Второто ветување: раст. 3,5 проценти минатата година, многу повисоко од која било земја во регионот. Сè уште мислам дека треба да целиме кон уште повисок раст. Почнуваме од релативно ниска основа, но има многу голем потенцијал. Затоа, продолжете да инсистирате на ставот од перспектива на раст, бизнисите да бидат посилни, паметна регулатива и повеќе извозно ориентирани производи. И третото, да имаме ефикасна и транспарентна влада и вистинска посветеност на пристапувањето кон ЕУ. Сфаќам дека се потребни двајца за да се дојде до договор, но повторно, се обврзавме да ги зголемиме лобистичките напори за да се осигураме дека не слушаат правилно. Постои почит кон земјата, почит кон граѓаните, нашето име и нашата историја, но сепак се потребни дополнителни напори за влез во ЕУ, нагласи Зафировски.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1