Општини
Во Охрид одбележани 81 година од формирањето на Шестата НОБ и 33 години од формирањето на Шестата пешадиска бригада

Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков денеска присуствуваше на свеченост по повод 81 година од формирањето на Шестата Народноослободителна бригада и 33 години од формирањето на Шестата пешадиска бригада.
Формирањето на Шестата народноослободителна бригада, според Пецаков, претставува круна на Народноодлободителното движење во регионот, оттаму што означува формирање едно национално тело за борба против фашизмот.
– Нашата татковина е родена на придобивките на НОБ, а првото заседание на АСНОМ практично претставува остварување на вековните идеали на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност. Тие придобивки во голема мера се добиени благодарение на активностите на ваквите воени единици, кои организирано и жестоко се спротиставуваат на фашизмот преку плејада на македонски граѓани кои заеднички се бореле против фашизмот. Затоа, наша обврска и Света должност е да ги негуваме и предедаме тие придобивки на идните генерации, рече Пецаков.
Во 90 – те години од минатиот век, нагласи, ја стекнавме нашата независности и самостојност, токму тука во просториите на охридската касарна е формирана шестата пешадиска бригада.
– Зборувајќи за овие два значајни датуми од 1944 и 1992 година уште еднаш потсетуваме дека без почит кон минатото, ниту има просперитет на сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот е насочен кон подобар и подостоинствен живот, со цел оваа наша земја да биде заеднички дом на сите граѓани кои својата иднина и иднината на идните поколенија ја гледаат во демократска, модерна и европска Македонија, истакна градобашалникот.
Организатор на настанот, кој се одржа во охридската Касарна, е Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија.