Connect with us

Економија

Мицкоски: Имаме потенцијал да станеме регионален центар за нови технологии – германските компании не се само инвеститори, туку и партнери

Имаме млади, талентирани и амбициозни луѓе, имаме стратешка географска позиција, имаме потенцијал да станеме регионален центар за нови технологии, логистика, напредно производство и дигитални услуги – порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на Германско-македонскиот бизнис -амит во организација на  АХК Северна Македонија.

Нашата задача како Влада, нагласи Мицкоски, е тој потенцијал да го претвориме во реален економски раст и затоа работиме на политики што ќе поттикнат иновации, стартапекосистем, истражување и развој, поврзување помеѓу универзитетите и индустријата, како и поголема поддршка за домашните компании што сакаат да инвестираат во модерни технологии.

Мицкоски порача дека германските компании не се само инвеститори, тие се партнери во трансформацијата на нашата македонска економија и затоа, како што рече, ова е настан што испраќа силна порака дека партнерството помеѓу нашите две земји не е само економска соработка, туку заедничка визија за иднината.

– Темата на денешниот самит не е само современа тема, таа е суштинско прашање за конкурентноста, продуктивноста и долгорочната стабилност на секоја економија што сака да биде дел од новата европска и глобална економска архитектура. Живееме во време кога светот се менува со брзина каква што човештвото ретко памети. Денес, економската моќ не се мери само со природни ресурси, географија или големина на пазарот. Се мери со знаење, иновации, технологија, дигитална инфраструктура и способност за брза адаптација. Токму затоа ние како земја гледаме на дигиталната трансформација не како на избор, туку како на национален приоритет – изјави Мицкоски.

Нашата цел, порачa Мицкоски, е јасна – да изградиме модерна, ефикасна и конкурентна економија, која ќе биде интегрирана во европските синџири на вредности, ќе создава можности за домашните компании, за младите луѓе и за идните генерации. 

– Германија за нас претставува повеќе од економски партнер, таа е симбол на индустриска моќ, технолошки развој, дисциплина, иновација и стабилен економски модел, кој со децении создава вредност и напредок.
Германските компании тука кај нас не се само инвеститори, тие се партнери во трансформацијата на нашата македонска економија. Тие отвораат работни места, носат нови стандарди, нова корпоративна култура, технолошко знаење и практики што го менуваат економскиот пејзаж на државата. И токму затоа нашата Влада останува цврсто посветена на создавање предвидлива, стабилна и пробизнис-средина – нагласи Мицкоски.

Во изминатиот период, посочи Мицкоски, презедовме сериозни чекори за стабилизација на економијата, подобрување на институционалната ефикасност и поддршка на инвестициите. 

– Работиме на намалување на административните бариери, дигитализација на услугите, модернизација на инфраструктурата и создавање услови за побрзо и поефикасно водење бизнис. Но, денес е јасно дека економскиот раст повеќе не може да се темели само на евтина работна сила или традиционални модели на производство. Новата економија бара паметни фабрики, автоматизација, вештачка интелигенција, дигитални платформи, напредно производство, зелени технологии и постојано вложување во човечкиот капитал – изјави Мицкоски.

Како Влада, порача Мицкоски, го отвораме патот кон економија базирана на знаење. 

– Нашата визија е да создадеме држава во која младите инженери, програмери, иноватори и претприемачи нема да мораат да ја бараат својата иднина надвор, туку ќе имаат можност да создаваат дома во модерна економија, која ги вреднува нивното знаење и талентот. Инвестираме во дигитална инфраструктура, во модернизација на образованието, во дуалното образование, во технички и ИТ-вештини затоа што, без обучен кадар, нема успешна дигитална трансформација – изјави Мицкоски.

Технолошката револуција, според Мицкоски, отвора големи можности, но и сериозни предизвици, нагласувајќи дека во тој процес партнерството со германската економија е исклучително важно. 

– Германските компании имаат огромно искуство во индустриската дигитализација, паметното производство, енергетската ефикасност и применетите технологии – изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, денес повеќе од кога било е важно Европа да остане економски силна, технолошки конкурентна, индустриски стабилна. 

– Во време на глобални економски турбуленции, енергетски кризи, геополитички предизвици, потребни се нови партнерства, нова доверба и нова економска динамика. Токму затоа овој самит има големо значење. Нашата порака е јасна. Сакаме да бидеме сигурен партнер, стабилна економија и држава што ги препознава и поддржува иновациите, технологијата и претприемаштвото – изјави Мицкоски порачувајќи дека затоа денес од Скопје испраќаме порака дека „иднината не ја чекаме, туку ја создаваме со партнерство, со знаење, со технологија, со доверба и со јасна визија за модерна европска Македонија“. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 3