Вести
Евроинтеграцијата во Западен Балкан сè повеќе го губи својот трансформативен потенцијал и се претвора во продолжен и неизвесен процес, предупредуваат експерти
Европската интеграција во Западен Балкан сè повеќе го губи својот трансформативен потенцијал и се претвора во продолжен и неизвесен процес, покажуваат најновите анализи подготвени во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.
Според експертите, клучниот проблем не е недостигот на стратегии, туку недостигот на политичка волја за нивна доследна имплементација.
„Политичката волја во регионот е претежно тактичка, а политичката поларизација системска – комбинација што ја претвора европската интеграција во бескрајна транзиција“, се вели во анализата објавена во двете последни публикации на Националната конвенција.
Анализите дополнително укажуваат дека корупцијата останува длабоко вкоренет проблем, и покрај засилената реторика и реформски напори.
„Корупцијата останува структурен и долгорочен проблем што ја поткопува довербата во институциите“, се истакнува понатаму во анализата.
Експертите оценуваат дека процесот на евроинтеграција е значително политизиран и оптоварен со идентитетски и уставни прашања, што дополнително го забавува напредокот.
Публикациите се базираат на регионални анализи и дијалози со претставници на институциите, правосудството, академската заедница и граѓанскиот сектор од Македонија, Србија и Албанија, но пред се на 7 дебати што Националната конвенција ги организира во текот на 2025 година.
Повеќе информации и линкови до публикациите:
„Нека правдата владее со Западен Балкан: Интеграција меѓу наследените прашања и новите предизвици“ од авторката проф. д-р Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење во Република Северна Македонија и професорка на Филозофскиот факултет во Скопје https://bit.ly/Neka_vladee_pravdata_vo_Zapaden_Balkan
„Владеење на правото и антикорупциските политики во Република Северна Македонија“ од авторите Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ и Ивана Петковска, истражувач, Здружение „Сите за правично судење“ https://bit.ly/Klaster1_Temeli
мај 6, 2026

