Економија
Мицкоски: Во март значаен раст на индустриското производство од 3 проценти, двоцифрен кај трговијата на мало
Конечно, во март имаме значаен раст на индустриското производство во споредба со март минатата година, и тоа од 3 проценти, а трговијата на мало расте со двоцифрен број проценти – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски истакнувајќи дека Владата ќе продолжи да работи на зголемување на куповната моќ на граѓаните.
На новинарско прашање Мицкоски посочи дека, за жал, останува сè уште проблемот во секторот рударство, каде што има помала активност во првиот квартал, изразувајќи надеж дека ќе се преземат активности за пдобрување на состојбите.
– Се надевам дека за две-три проблематични правни лица ќе најдеме начин како и ние како држава да помогнеме, но и тие самите да си помогнат, и на тој начин да го вратиме рударството на оние патеки на кои треба да биде – рече Мицкоски.
Будно ја следиме состојбата, дополни премиерот, и со сите нови проекти во индустријата, со сите нови производни капацитети, охрабрен сум што преработувачката индустрија расте. – Тоа е нешто што сите треба да нè охрабрува – одговори Мицкоски на новинарско прашање по присуството на панихидата во црквата „Св. Спас“ во Скопје по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев.
мај 4, 2026

