Connect with us

Економија

Светската банка: Раст од 2,9% на македонската економија годинава, 3% во 2027 и 2028

Светската банка прогнозира раст на македонската економија од 2,9 проценти за годинава, износ што е за 0,1 проценти понизок од претходната проекција, како и од 3 проценти во 2027 и 2028 година. 

Во денешниот објавен извештај на Групацијата, Светската банка оценува дека економскиот раст на Западен Балкан се очекува да продолжи да забавува во 2026 и 2027 година како последица на конфликтот на Блискиот Исток, постојаната инфлација и зголемената неизвесност. Укажува дека за да се одржи импулсот на реформи во регионот, кој се соочува со растечки недостиг на работна сила, зголемувањето на активноста на работната сила ќе биде од суштинско значење.

Редовниот економски извештај за Западен Балкан предвидува дека регионалниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и на Србија ќе достигне 2,8 проценти во просек во 2026 година, што е за 0,3-процентни поени под претходните проекции. Се очекува растот умерено да се зголеми на 3,2 проценти во 2027 година.

– Глобалната неизвесност и геополитичките тензии го попречуваат растот во Западен Балкан, а растечките цени директно ги погодуваат паричниците на луѓето –  вели Шјијаочинг Ју, директорка при Светската банка за земјите од Западен Балкан.

Додека носителите на политиките користат краткорочни фискални мерки за да го ублажат влијанието на овие притисоци врз домаќинствата и фирмите, истакнува таа, нашиот извештај покажува дека клучот за долгорочен економски напредок се работните места.

– Регионот на Западен Балкан има голем број неискористен потенцијал – жени, млади луѓе и други што сакаат да работат, но се соочуваат со реални пречки на пазарот на труд. Нивното вклучување во работната сила е еден од најефикасните чекори што регионот може да ги преземе за да ја зајакне економијата – вели Шјијаочинг. 

Според извештајот, населението на Западен Балкан старее побргу од речиси секое друго место во Европа. Во текот на следната деценија најмалку едно од пет лица во регионот се очекува да биде над 65 години. Во меѓувреме, луѓето во работоспособна возраст, вклучувајќи ги и дипломираните студенти и физичките работници, бараат подобри плати и перспективи во странство. Парадоксот е што недостига работна сила во клучните сектори, дури и кога многу луѓе остануваат без работа или едноставно се откажале од барањето на работа.

Извештајот укажува на недоволно искористен човечки капитал: жени, млади луѓе и други што сакаат да работат, но се соочуваат со пречки за влез на пазарот на трудот. Доколку стапките на учество на работната сила во регионот се совпаднат со оние во споредливи земји од Европската Унија, тоа би значело повеќе од 2,8 милиони дополнителни работници достапни за намалување на недостигот на работна сила. Само вработувањето на повеќе жени би можело да додаде околу 0,35-процентни поени на годишниот раст.

Извештајот повикува на тоа работата да стане попривлечна опција – почнувајќи со правилата за даноци и бенефиции, кои во многу случаи сè уште го прават останувањето дома финансиски побезбеден избор. На пример, во повеќето земји од Западен Балкан пријавувањето каков било приход од работа веднаш ги дисквалификува поединците од бенефиции насочени кон сиромаштијата правејќи го вработувањето финансиски ризик, а не награда. Исто така, ја истакнува потребата од прифатлива грижа за деца и стари лица, подобра обука за работа и работни места што нудат вистинска флексибилност и пристојни услови, вклучително и за работниците на онлајн-платформи.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2