Вести
Пешевски: Недоволни се контролите на градилиштата, секојдневно имаме пријави за повреди
Синдикатот за градежништво при ССМ не е задоволен од инспекциските надзори на градилиштата. Смета дека бројката за повреди со фатален исход треба да биде нула и дека не смее да биде ништо поважно од тоа во земјата да нема загинати работници.
Како што изјави денеска претседателот на Синдикатот и потпретседател на ССМ, Иван Пешевски, во просек секој ден има повреден работник и 20 повреди со фатален крај во текот на годината.
Тој потсети дека, во согласност со најобичните полиси што ги плаќаат работодавачите, 99 отсто од случаите се со 10.000 евра отштета за траен инвалидитет и 5.000 евра за човечки живот.
– Денес сме тука да го одбележиме 28 Април, Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа, но ако се прашувам лично јас како прв човек на Синдикатот за градежништво, не би славел, туку би молчел на денешниот ден, а од утре натаму секој ден би се борел за работниците – како прво и основно човеково право да отидат, да ги извршат своите работни задачи и живи да се вратат дома. Секојдневно гледаме како во просек секој ден имаме повреден работник и 20 повреди со фатален крај во текот на годината. Тоа е статистика што ја влечеме во текот на годините. Да се надеваме дека ќе се подобри и законската регулатива, меѓутоа и примената од страна на Државниот инспекторат за труд, од чии надзори не сме задоволни, а уште понезадоволни сме од инвеститорите и работодавачите, кои и во 21 век делот од безбедноста и здравјето при работа го гледаат како трошок, а не како инвестиција во своите вработени – истакна Пешевски пред почетокот на настанот по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
Во врска со последниот случај, кога на градилиште во Кисела Вода загина работник, Пешевски нагласи дека одговорност мора да има.
– Искрено сметам дека е тотално недоволен надзорот на градилиштата, и во нискоградбата и во високоградбата, и затоа секојдневно имаме пријави во Сојузот на синдикатите за повреди од работен однос, меѓутоа и за повреди и несреќи при работа. Бројката што ја имаме како статистика за повреди со фатален крај треба да биде нула и не треба за нас да биде ништо поважно од тоа да немаме загинати работници – рече Пешевски додавајќи дека треба да се подобриме во делот на примената на законите и контролата врз инвеститорите, работодавачите…
Тој истакна дека Синдикатот превентивно дејствувал и правел обука на вработените и секогаш апелирал – доколку луѓето наидат на ризик, да ја избегнат таквата работа – да не ја прифатат.
Според него, најобичните полиси што ги плаќаат работодавачите во 99 отсто од случаите се со 10.000 евра отштета за траен инвалидитет и 5.000 евра за човечки живот.
април 29, 2026

