Connect with us

Живот

Жртва од Помпеја реконструирана со помош на ВИ

Италијанските истражувачи, користејќи вештачка интелигенција (ВИ), за првпат го реконструираа изгледот и последните мигови на жртва од разорната ерупција на Везув кај Помпеја во 79. година н.е.

Сликата е заснована на неодамна откриен скелет на човек од страна на археолозите при ископувањата на некрополата Порта Стабија. До скелетот, истражувачите пронајдоа голем сад од теракота, којшто жртвата, веројатно, го користела како заштита додека бегал од еруптирачкиот вулкан пред речиси 2.000 години. Археолошкиот парк, поддржан од Министерството за култура на Италија, вчера објави слика генерирана од ВИ, на којашто се гледа маж како трча во грч, држејќи сад над главата. Во заднината, вулканот исфрла лава и дожд од вулкански карпи. Се верува дека за време на ерупцијата, човекот се обидел да избега кон брегот, но бил погоден од карпа. Садот пронајден до скелетот покажува јасни знаци на кршење.

Истражувачите, исто така, пронајдоа мала маслена лампа со него, којашто, веројатно, ја користел за да се снајде при слабата видливост, како и бронзени монети.

Археолошкиот парк вели дека ВИ-реконструкцијата е експериментален прототип. Целта е резултатите од археолошките истражувања да бидат подостапни за пошироката јавност. Германскиот директор на паркот, Габриел Цухтригел, објасни дека „кога се користи правилно, ВИ може да придонесе за обновување на класичните студии“, со раскажување на приказната за класичниот свет на поинтензивен начин.

Помпеја била закопана во пепел, кал и лава за време на ерупцијата од пред скоро 2000 години. Градот повторно е откриен во 18. век. Како таква, оваа древноиталска населба е богат и постојан извор на археолошки откритија. Зачуваните остатоци од смртта и уништувањето сè уште нудат увид во животот во римското царско време. Денес, како археолошки парк, ова е една од најпопуларните туристички знаменитости на Италија.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2