Connect with us

Економија

Божиновска на UNECE Resource Management Week 2026: Инклузивната транзиција и одржливото управување со ресурси се темел на идната енергетска политика

Присуството и учеството на Македонија на UNECE Resource Management Week 2026 уште еднаш ја потврдија стратешката позиција на државата како сигурен и кредибилен партнер во светските енергетски текови активно придонесувајќи кон обликувањето на меѓународните политики за одржлив развој и енергетска транзиција – велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во рамките на настанот, министерката Сања Божиновска учествувала на високопрофилен панел со наслов Social Engines of Sus-tainable Resource Management: Gender Equality, Intergenerational Justice, and why Extractive Legacies Matter, каде што испратила силни пораки за праведна, инклузивна и одржлива енергетска трансформација.

Во обраќањето Божиновска истакнала дека присуството на Македонија на овој значаен меѓународен форум претставува потврда за нејзината активна улога во глобалните процеси, а учесниците особено ја поздравија професионалната и беспрекорна организација на 14-тиот Меѓународен форум за енергија и одржлив развој во Скопје оценувајќи го како пример за успешно организирана меѓународна конференција, од која произлегуваат нови партнерства и конкретни активности.

Божиновска нагласила дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку длабока општествена трансформација, која мора да се темели на еднаквост, инклузија и меѓугенерациска одговорност. Таа истакнала  дека родовата еднаквост и балансот меѓу генерациите не се споредни прашања, туку суштински двигатели на одржливото управување со ресурси и енергетскиот развој.

Во излагањето министерката се осврнала и на улогата на жените и младите во енергетскиот сектор нагласувајќи дека иднината на индустријата ќе биде поуспешна, поиновативна и поотпорна доколку овие групи се целосно вклучени во процесите на одлучување и креирање политики.

– Кога зборуваме за енергетска транзиција, зборуваме за луѓе, за можности и за праведност. Жените и младите не се само учесници во овој процес, тие се негови носители – истакнала таа додавајќи дека вистинскиот напредок почнува кога талентот, а не полот или возраста, е критериум за успех.

Особен акцент бил ставен и на концептот на меѓугенерациска правда, при што Божиновска нагласила дека денешните политики мора да обезбедат долгорочна одржливост и одговорно користење на природните ресурси, со цел идните генерации да имаат повеќе, а не помалку можности.

Таа посочила дека Министерството веќе активно соработува со универзитети и млади професионалци преку практикантства, партнерства и институционално вклучување, при што значителен дел од кадарот се млади луѓе, што претставува јасна насока кон инвестирање во иднината. – Да создадеме систем кој не е товар за утрешнината, туку основа за нејзин развој – рекла Божиновска.

Според неа, одржливото управување со ресурси бара заедничка акција и силна меѓународна соработка и затоа, како што рекла, ниедна држава не може самостојно да се справи со предизвиците на енергетската транзиција. Во таа насока, таа потенцирала дека Македонија останува посветена на интеграција во европските и глобалните енергетски текови, развој на обновливи извори на енергија и зајакнување на институционалните капацитети за транспарентно и одржливо управување.

– Одржливоста не е крајна цел, туку континуиран процес, кој бара визија, храброст и партнерство – порачала министерката додавајќи дека вистинската сила на енергетската транзиција лежи во луѓето, во нивната еднаквост и во заедничката одговорност за иднината.

Со ова учество, Македонија, велат од Министерството, уште еднаш ја потврдува својата определба за активно учество во глобалните процеси за одржливо управување со ресурси, праведна енергетска транзиција и унапредување на меѓународната соработка во енергетскиот сектор.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4