Connect with us

Живот

Вештачкото осветлување ноќе го нарушува природниот биолошки ритам на телото

Вештачкото осветлување ноќе го нарушува природниот биолошки ритам на телото и може значително да го зголеми ризикот од смрт кај цицачите, според ново истражување од Универзитетот на Тел Авив, цитирано од израелската новинска агенција ТПС. Наводите даваат некои од најјасните докази досега за штетните влијанија од светлосното загадување.

И ниските нивоа на вештачка светлина, се вели, споредливи со обичното улично осветлување, можат да го нарушат имунолошкиот систем. Кај дивите глодари, ова е поврзано со 2,35 пати поголема опасност од смрт. Студиите и претходно укажаа дека вештачката светлина ги нарушува циркадијалните ритми, но новиот научен труд на израелските истражувачи поподробно објаснува како тоа влијае на имуната функција. За да го проучат ефектот на вештачката светлина ноќе, научниците набљудувале два вида диви глодари, т.е. пустински глувци. Животните биле сместени во услови налик природна средина, а половина од нив биле изложени на слабо бело ЛЕД-осветлување ноќе, додека другите биле изложени само на природна светлина – од Сонцето, Месечината и ѕвездите.

– Голем дел од процесите во телото на цицачите – вклучително и луѓето, се регулирани од внатрешен биолошки часовник. Овој 24-часовен ритам, во согласност со промената на денот и ноќта, дава сигнали до различни системи (вклучувајќи го и имуниот систем) како да функционираат во различни периоди од денот, објасни истражувачката Хагар Варди-Наим.

Кога се изложени на вештачка светлина, имунолошката активност „се израмнува“, што укажува дека внатрешниот биолошки часовник веќе не е синхронизиран со околината.

– Светлосното загадување целосно го нарушува овој ритам. Ова значи дека имунолошкиот систем го губи својот природен ритам, а неговиот одговор на инфекции, стрес или вакцини може да биде послаб, додаде Варди-Наим.

Според научниците, ова има реални биолошки последици. Покрај нарушувањата во имуниот и хормоналниот систем, животните изложени на вештачка светлина доживеале нагло зголемување на смртноста – повеќе од двојно поголем ризик во споредба со контролната група. Иако точните причини за смртта не се утврдени, резултатите укажуваат на веројатна врска помеѓу нарушениот биолошки ритам и намалениот животен век.

– Вештачкото осветлување ноќе не е само површна промена во околината, туку активен биолошки фактор што може да ги наруши клучните физиолошки механизми. Продолженото изложување ја нарушува синхронизацијата на имунолошкиот и ендокриниот систем и го нарушува преживувањето дури и под инаку природни услови. Светлосната загаденост треба да се смета за фактор на животната средина што претставува ризик по здравјето – не само за дивиот свет, туку и за луѓето и екосистемите како целина, нагласи истражувачката.

Наодите би можеле да влијаат и на начинот на осветлување на градовите и јавните простори. Според научниците, општините можеби ќе треба да го преиспитаат интензитетот на осветлувањето и да ја ограничат употребата на ЛЕД-светла.

Податоците посочуваат дека времето на медицинските процедури како што се вакцинациите може да влијае на нивната делотворност и дека осветлувањето во затворен простор и во болниците може да се приспособи за да ги следи природните циркадијални ритми. Настрана од здравјето на луѓето, наодите имаат и импликации за зачувувањето на дивиот свет и планирањето на инфраструктурата. Ограничувањето на вештачката светлина во чувствителните живеалишта и создавањето „темни коридори“ за ноќните видови, се вели, може да ја намали штетата врз животната средина. Истовремено, архитектите и урбанистите можат да дојдат до практични решенија околу осветлувањето со фотоќелии, заштитени светилки и прилагодени системи што ја управуваат светлината по потреба.  

Маркетинг
Ad 1
Ad 2