Вести
Николовски: Прилепските компании се заинтересирани за железничкиот карго-превоз, оперативниот план треба да се реализира за 6 до 12 месеци
Работиме на оперативниот план на ревитализација на железницата и враќање на карго превозот за што се заинтересирани прилепските големи компании. Планот треба да го реализираме за 6 до 12 месеци, трошоците на компаниите двојно ќе се намалат, а ние ќе ги зачуваме патиштата и живтната средина, изјави Александар Николоски, вицепремиер и минстер за транспорт при денешната посета на Прилеп.
-Сериозно работиме на ревитализација на железницата. Денеска се сретнав со најголемите компании од Прилеп и разговаравме повторно да се врати карго сообраќајот во Прилеп што ќе значи многу поевтин транспорт за компаниите и ќе значи повеќе работни места. Направивме оперативен план кој треба да го реализираме во период од 6 до 12 месеци и целосно да ја заживееме железницата. Ќе помогне за екологијата, но и да се заштитат големите инфраструктурни објекти, автопатиштата, изјави Николоски.
Министерот за транспорт направи увид на работите на уредувањето на патеките на кејот 1 мај во Прилеп, еден од трите проекти што ги финансира Министерството за транспорт. Уредувањето на Кејот со патеки, урбана опрема е при крај и е во должина од 700 метри, а во вредност од 7 милиони денари.
Николоски најави дека Прилеп, кој ја има целосната владина поддршка, ќе добие и два големи моста.
-Овој проект е поддржан од Министерството за транспорт и врски во соработка со Светска банка. Работиме уште два проекти следниот период. Едниот е за улицата „11 Октомври“, а вториот е за генерално забавување на сообраќајот, имајќи предвид дека безбедноста е пред сѐ. А се работи на големи инфраструктурни проекти, дел се реализираат, дел се во постапка на тендерирање. Градот првпат ќе види два големи моста кои се реализираат на реката. Едниот веќе е во градба, за вториот во тек е тендерска постапка. Така што, одиме со силна поддршка на Прилеп, рече Николоски.
За обиколницата околу Прилеп, Општината работи на проектирањето. По проектирањето Владата ќе ја преземе обврската да најде изведувач, а ќе обезбеди и финансии за да се заврши проектот.
Според прилепскиот градоначалник, Дејан Проданоски, забрзани се активностите околу изградбата на едниот мост што се смета за најголем капитален проект, вреден 138 милиона денари.
-За изградбата на мостот кај Табаана што ќе има и кружен тек на сообраќајот, во моментов градежните активности се над нивото на Реката и се поставуваат главните носечки столбови, рече Проданоски.
Во врска со уредувањето на Реката, во план се уште два проекти во наредниот период за кејско уредување, но и за можност за нови паркинг места, користејќи го искуството на Штип.
април 27, 2026

