Connect with us

Вести

Ниту ќе има политичка криза, ниту пак застој на реформскиот процес, кажа Мицкоски за најавите за бојкот на парламентот од страна на СДСМ

Нема да има политичка криза ако СДСМ го напушти парламентот, ниту застој на реформскиот процес. Ако некој одлучил да се маргинализира од политичката сцена, јас не можам да го спречам – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите за напуштање на работната група за Изборниот законик од претставниците на СДСМ. Опозициската партија не се согласува со законското решение за укинување на техничката влада. 

– Тие тоа го кажаа и тоа е нивна одлукам и јас тука не можам да се мешам. Тие не дојдоа на лидерска средба. Односно, како тригер беше законот за Влада, каде што е предвидено, не од следните, туку од изборите потоа, да биде напуштен концептот на техничка влада, значи за следните избори да има, на за тие потоа да нема. И ние бидејќи ги слушавме изјавите и интервјуата на СДСМ, каде што тие велат дека се реорганизираат, дека партијата е стабилна, цврста, дека секој ден им се приклучуваат нови луѓе, интелектуалци, професори и дека тие се сигурни оти ќе победат. Еве на следните избори ќе има техничка влада. Тоа е нашиот предлог и тие ќе победат и веќе следните избори по нив, кога ние ќе бидеме опозиција, за нас ќе важи да нема. Сега почесно од овој пристап нема. Тоа е тоа што ние го предлагаме – рече Мицкоски, кој беше на увид на работите на Универзалната сала во Скопје. 

Премиерот, како што рече, од најавите на еден пратеник на СДСМ, може да се очекува тие да го напуштат и парламентот. – Можеби да ги бојкотираат и следните парламентарни избори за ова раководство на СДСМ да остане и да продолжи да биде раководство. Но, тоа е нивен избор. Ако некој одлучил да се маргинализира од политичката сцена, јас не можам тука да го спречам – рече Мицкоски. 

Потсети дека кога ВМРО-ДПМНЕ во 1994 година бојкотира, „лошо помина“, и дека, според него, лошо помина и Македонија бидејќи тогаш беше главниот удар на правосудниот систем во Македонија, кога стотици судии, вели, во еден ден беа избрани во македонскиот парламент. 

– Во минатото и тие се сложија. Имавме лидерска средба. Сите учесници на таа лидерска средба се сложија за напуштање на овој концепт. Сега знаете, старите велат, на човек со сила не можеш да му дадеш – рече премиерот. 

Мицкоски вели дека и СДСМ да го напушти парламентот, нема да има политичка криза. – Апсолутно, ние како Влада имаме повеќе од две третини во рамките на парламентот како бројка, формално не, но доколку бидеме предизвикани, ќе ја формираме и таа бројка, а апсолутно не гледам како би имало застој на каков било реформски процес. Ние сме фокусирани на развој на државата, на реформи, на проекти како овој, а некои се закочени богами и со децении. Ние не можеме да се занимаваме со политичкото мочуриште на опозицијата, со нивните фрустрации и желби. Ние, едноставно, сакаме да направиме подобро за граѓаните и тоа е нашиот најглавен приоритет – рече премиерот Мицкоски. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 4