Connect with us

Економија

Мицкоски: Се очекува дизелот да поевтини за 2 до 2,5 денари, Македонија веќе два месеци е пример за начинот како се справува со енергетската криза

Според калкулациите на Владата, се очекува денеска дизелот да се продава поевтино на бензинските пумпи, и тоа за два до два и пол денари, а за цената на бенизните се очекува мало зголемување – изјави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарско прашање за мерките кои што ги презема Владата. Мицкоски посочи дека Македонија веќе два месеци е пример за начинот како се справува со оваа енергетска криза. 

– Ова е увезена криза поради геополитичките случувања. Ние сме една од ретките држави што направи ваква робусна мерка веднаш и со тоа успеа да го задржи нивото на пристојни граници. Според нашите калкулации, јас очекувам дека денеска повторно дизелот ќе поевтини, приближно за два до два и пол денари, бидејќи минатата недела просекот беше таков – изјави Мицкоски. 

Очекува мало зголемување на бензините, но, како што рече, „тука ДДВ-то ни е 10 % и оваа недела останува на 10 %“. Премиерот Мицкоски најави дек  кон крајот на неделата ќе ги прават математиките и ќе носат одлуки како понатаму.

– Останува во функција до крајот на април со „Окта“, така што апсолутно како Влада овие два месеци се бориме жилаво и успеавме да не дозволиме, како многупати во минатото, да бидеме на дното, туку, напротив, да бидеме на врвот според процентот на мерки од нашиот БДП. Од друга страна, да немаме ценовни шокови и инфлации со двоцифрен број проценти, како што тоа впрочем беше во 2022 година, имајќи предвид дека оваа енергетска криза е поголема од сите три претходни енергетски кризи, таа од 2022 и од седумдесетите години заедно. Мислам дека како Влада, која две години жилаво се бори да ги исправи грешките правени со децении, успеавме во еден конструктивен, офанзивен пристап да задржиме цена на стабилност – рече Мицкоски. 

Прашан дали ќе продолжи договорот со „Окта“, Мицкоски го повтори одговорот дека со „Окта“ ќе разговараат оваа недела.

– Сè уште не сме ја отвориле темата, но ќе разговараме оваа недела, ќе разговараме и со министерската за енергетика и, се разбира, во рамките на можностите ќе направиме сè за да продолжи тој попуст – рече Мицкоски. 

Што се однесува за анализите што ги објавуваат странските весници и експерти, Мицкоски е на став дека тоа се анализи на голем број шпекулации, полуинформации, некогаш и дезинформации и, како што рече, „во моментот она што јас можам да го кажам е дека никој нема правилна информација, освен неколкумина во светот“. 

– И тие неколкумина во светот практично одлучуваат дали крај на оваа криза ќе ѝ стават денес, за еден месец, за една година или оваа криза ќе остане по инерција да функционира. Така што убави се овие анализи, тие анализи ги следиме внимателно, лично ги следам. Но, повторно ќе кажам, иднината на светот е во рацете на неколкумина луѓе – вели Мицкоски. 

Тој истакна дека нашата земја нема проблеми со снабдувањето на нафтата и нафтените деривати.

– Ќе повторам, со мерките што досега ги аплициравме успеавме да ја држиме цената ниска, убедливо најниска во регионот, сè уште имаме зголемен притисок на побарувачка од страна на граѓани од соседните земји. Сè уште со керозин снабдуваме неколку од регионалните аеродроми и не размислуваме како Влада да воведеме забрана за извоз или реекспорт на нафта и нафтени деривати и не размислуваме како Влада да ги ограничиме нашите бензински пумпи да точат гориво само на автомобили и друг вид друмски возила со македонски регистерски таблички. Напротив, сакаме да покажеме солидарност кон регионот, но и да покажеме дека Македонија е фактор на стабилност во регионот – истакна претседателот на Владата, Мицкоски, кој беше на увид на градежни работи на Универзалната сала во Скопје. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 4