Connect with us

Економија

Димитриеска-Кочоска: Поддршката на жените лидерки е инвестиција во посилна економија и посилно општество

Поддршката на жените лидерки е инвестиција во посилна економија и посилно општество – порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на синоќешната манифестација што ја организира агенцијата „Марили“ по повод 30-тото издание на избор на најуспешни жени менаџерки.

Димитриеска-Кочоска посочила дека поддршката на жените во економијата и претприемаштвото не е само прашање на родова еднаквост, туку и прашање на одржлив економски развој.

– Поддршката на жените во економијата, претприемаштвото и лидерството значи поддршка на економскиот развој. Секоја жена што создава нова вредност придонесува за посилни компании, поконкурентна економија и посилно општество – рекла министерката.

Нагласила дека успехот на жените лидерки има особена тежина имајќи ја предвид нивната повеќекратна улога во професионалниот и личниот живот, како носители на одговорни позиции, но и како поддршка на семејството и заедницата.

– Јас доаѓам од приватниот сектор – средина во која резултатите секојдневно се мерат, во која довербата се гради со работа, а одговорноста не е формалност, туку начин на функционирање. Таму ги изградив моите професионални вредности, таму научив дека успехот никогаш не е индивидуален, туку е резултат на посветеност, тимска работа и јасна визија – истакнала министерката.

Според Димитриеска-Кочоска, институциите имаат обврска да продолжат со создавање средина во која жените ќе имаат уште поголема поддршка за професионален развој, лидерство и претприемаштво, како и да бидат инспирација за младите генерации. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 3