Connect with us

Економија

Светски ден на иновациите: Повик за мапирање на македонските социјални претпријатија

На Светскиот ден на креативноста и иновациите -21 април, здружението „АРНО“ заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Агенцијата за иновации, научно технолошки развој и претприемништво „ИНОВА, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Здружението „Конект“ и Бизнис Импакт Лаб, ги повикуваат сите македонски социјални претприемачи да се приклучат на најважната европска анкета „Европски монитор за социјални претпријатија“ (ESEM). Анкетата е кратка, трае околу 15 минути, а податоците ќе бидат прикажани во компаративен европски извештај. Повеќе информации за пополувањето и пристап до самата анкета има на овој линк.

На Светскиот ден на креативноста и иновациите, здружението АРНО и партнерите потсетуваат дека најголемите иновации не доаѓаат секогаш од лабораториите, туку од потребата да се реши конкретен општествен или еколошки проблем. Социјалните претпријатија се токму тоа – иновативни модели кои „отскокнуваат“ од класичниот бизнис за да понудат решенија таму каде што каде што постоечкиот систем сè уште нема одговор.

„Ние сме мала земја, ама сме иновативни и сега е време да покажеме што имаме. Ги повикуваме сите кои се идентификуваат како социјално претпријатие — здруженија со економски активности, задруги, занаетчии или земјоделци со социјална мисија, фирми со работна интеграција — да ја пополнат анкетата. Ем за да покажеме што имаме од локални примери, ем за да добиеме податоци до каде сме и што следно треба да се преземе во делот на давање соодветна поддршка“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Дека иновациите во овој сектор носат реални промени, потврдуваат бројните светски и домашни примери. На глобално ниво, социјалните иновации како Fairphone го револуционизираат пазарот на електроника преку поправливи телефони, додека виенското кафуле Vollpension ги претвора вештините на пензионерите со помали примања во хит туристичка атракција. Во Македонија, АРНО низ годините поддржува ентузијасти кои преку креативност решаваат локални предизвици. Примери за вакви иновативни модели се Мирјана Јосифоска, која од текстилен отпад создава дизајнерски шапки нудејќи фер работа за шивачките од Полог, Кристијан Шопов (Кико Магико), кој преку магионичарски настапи ги едуцира најмладите за зачувување на природата, како и Марија Дуда со нејзиниот ранч за спасени животни во Ранковце, каде се спроведува терапија со коњи за дечиња со аутизам.

„Европскиот монитор за социјални претпријатија“ е најголемата студија во Европа која обединува над 30 земји. Поседувањето повеќе знаење за секторот овозможува финансирањето и политиките на ЕУ и националните стратегии подобро да се прилагодат на потребите на социјалните претприемачи. Анкетата се спроведува во 42 држави, на 32 јазици.

„АРНО преку проектот „Инвестираме во промени“ има шанса одблиску да ги следи трендовите на социјалното или импакт претпримеништво. Се повеќе се зборува за инвестиции, кредитни линии, а се помалку за грантови. Ова е одлична вежба да се преброиме кои сме, колку сме и до каде сме во Македонија, за да знаеме што е следно. Ние се вклучивме во овој процес про-боно, од искрена желба ем да добиеме податоци, ем да се појават македонски ентитети на платформата. Помогнете ни да ги поставиме и македонските социјални претпријатија на мапата, со што ќе отвориме пат кон економија во која луѓето и планетата ќе бидат на прво место!„ -пренесуваат од АРНО.

Проектот „Инвестираме во промени“ е пионерска иницијатива финансирана од Европската Унија. Проектот има за цел да развие поповолна средина за социјално претприемништво во Западен Балкан преку подобрување на пристапот до финансии, вклучување на релевантни чинители и инвеститори и унапредување на политиките во оваа област. Проектот го координира Impact Europe, а се спроведува во партнерство со АРНО (Македонија), Partners Albania (Албанија), Смарт Колектив (Србија), Фондација 787 (Босна и Херцеговина), АДП-Зид (Црна Гора) и ИЦК (Косово).

Маркетинг
Ad 4
Ad 2