Connect with us

Култура

Претставата „Страв и надеж“ по мотивите на Крец, во режија на Мандиќ-Ригонат, задутре премиерно во МНТ

Претставата „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат од Белград, премиерно ќе биде изведена на 22 април на сцената на Македонскиот народен театар по што ќе биде на редовниот репертоар.

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, денеска, на прес-конференција по повод премиерата, рече дека претставата за нив не е само уште наслов во репертоарот, туку актуелна драмска структура која директно кореспондира со стварноста во која живееме, текст од нашето време, време на кризи, стравови, но и на постојана потреба да се пронајде надежта како последна точка на отпор.

–  Драмата е по мотиви на Франц Ксавер Крец, еден од најзначајните современи германски драматурзи, чиј текст е изграден како мозаик од кратки самостојни сцени, кои прикажуваат конкретни ситуации од секојдневниот живот, брачни односи, егзистенцијална несигурност, осаменост и притисок на системот врз поединецот. Неговата драматургија се потпира на редуциран јазик, тишина и прекината комуникација, каде што токму она што не се изговара станува носител на значењето – истакна Кимовски.

Посочи дека доаѓањето на Манди-Ригонат во Скопје е резултат на нивната јасна намера да отворат простор за режисери со силен уметнички ентитет и за соработка која ја надминува локалната рамка.

– Ригонат отвора теми и бара од актерот и публиката максимална ангажираност. Верувам дека ова ќе биде претстава што нема никого да остави рамнодушен. Како ретко кога во МНТ доаѓа режисерка која целата актерка екипа ја сака, почитува и ужива во процесот – додаде Кимовски.

Режисерката Мандиќ-Ригонат им се заблагодари на МНТ и на актерската екипа за соработката, како и на сите вклучени во подготовката на претставата. 

– Театарот е навистина љубов кон тоа што го работиме и љубов и почитување едни кон други. Не смееме да заборавиме на тоа од каде тргнавме, од каде почнуваме, а тоа е желбата едни со други да поделиме нешто важно, нешто што нè засега и нешто што е судбинско да се претресе на театарската сцена- рече Мандиќ-Ригонат. 

Таа посочи дека за неа театарот е место за љубовта и дијалогот, место за дијалог со светот, со општествениот момент во кој живее, а тоа е можноста да се расправа за позицијата на човекот, за ситуацијата во која се наоѓаме, значи од најдлабоките можни проблеми и за човечката интима. Нагласи дека авторот е најпознатиот и најизведуван жив драмски писател од германското говорно подрачје, заедно со нобеловците Елфриде Јелинек и Петер Хандке.

– Драмата „Страв и надеж“ е врв на неговото драмско творештво. Напишана е 1984 година. Неговите драми се драгоцени за актерите, тие се многу игриви и се задача за режисерот како да ги режира, а се многу инспиративни и за актерите. Светот во кој живееме е одвратен, војни, криза, распад на сите човечки вредности од хуманистички тип, тоа во што генерациите веруваа дека е смисла и некаква иднина, ние секој ден пред нашите очи гледаме како се распаѓа, како оваа стварност во која живееме и не е стварност, туку како некој да си игра со нас на некој луд начин, тоа е како некој црн хумор, мислам што се се случува со големи трагични последици – рече Мандиќ Ригонат.

Сето тоа, посочи таа, постои во нашата претстава и постои она што е најважно – постои човек, осамен поединец или брачна двојка, или некој што би сакал да биде сакан, или некој што веќе сака, ама во таа љубов влегува криза поради страв од отпуштања, губење работа.

– Значи, тоа се реални проблеми на луѓето што се крнати на едно уметничко ниво на хиперреализмот, што е и иновативен израз на Крец – додаде Мандиќ-Ригонат. 

Актерката Тања Кочовска, која ја игра Лени во претставата, рече дека ѝ било чест да работи со Мандиќ-Ригонат, која, како што појасни, на смирен и итар начин успеала да извлече многу работи од актерите.

– Со сè она што Крец го преточил на хартија, ние секодневно се соочуваме, со тие проблеми и стравови. Во претставата играм во две сцени, едната со Тони Михајловски, а другата со Александар Микиќ – додаде Кочовска.

Актерот Сашко Коцев, кој ја игра улогата на Вили, рече дека публиката ќе види ликови и сигурно ќе се препознае во секој од нив.  

Преводот го направи Александар Русјаков. Сценографијата е на Весна Поповиќ, костимите се на Роза Трајческа. Композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ. Видеодизајнот е на Јелена Тврдишиќ, извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен, инспициент е Вукица Александрова, а суфлер е Миро Атанасовски.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2