Вести
Гаши му честита на Радев за изборната победа, очекува стабилна влада во Бугарија и затворање на отворените прашања меѓу двете земји
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска му честита на Румен Радев за победата на парламентарните избори и изрази надеж дека, конечно, во Бугарија ќе има стабилна политичка влада и ќе се затворат отворените прашања меѓу Софија и Скопје.
– Нормално е дека за нас како држава е во полза да имаме стабилна политичка влада во Софија за да можеме да ги затвориме прашањата што се отворени. Знаете дека оваа Влада од почетокот има јасна заложба дека европскиот пат е дел од нашата агенда и приоритет. Но, секако, дилемите за кои е веќе јасно кои се, требаше да ги решиме заедно со политичката влада во Бугарија – истакна Гаши одговарајќи на новинарски прашања.
Претседателот на Собранието се надева и очекува што побргу да се формира влада и да се стапи во контакт и „да се фати возот“, да се почне со отварање на поглавјата и во првиот круг на проширувањето, ако го има, нашата држава да биде дел од тоа проширување на ЕУ.
Прашан за уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, тој одговори дека Собранието е подготвено и може веднаш да почне со постапката, но само е потребен политички договор и гаранција дека нема да има такви прашања во однос на идентитетот во иднина.
– Јасни се процедурите за менување на Уставот и се знае кој може да биде предлагач – истакна Гаши.
Притоа посочи дека може да предложат и пратеници, Владата, претседателот на државата.
– Само да се дојде до договор, потоа процедурата мислам дека ќе биде полесниот дел – истакна претседателот на законодавниот дом.
Сите пратеници Албанци во Собранието, истакна Гаши, го сакаат тоа што побргу. Но, потсети дека се потребни 80 пратеници за да се менува Уставот.
Претседателот на Собранието, Гаши, по редовната координација со координаторите на пратеничките групи, денеска одржa средба со новинарите, на која информира за тековните собраниски активности, по што одговараше на новинарски прашања.
– Разговаравме главно за текот на седниците оваа недела и следната. В среда имаме редовна седница, во меѓувреме стигнати се некои закони за скратена постапка. Им реков дека ќе го дополниме дневниот ред, ќе ги ставиме на дневен ред, а тие што се во редовна постапка, ќе ги оставиме за наредна седница, на почетокот од мај, според Деловникот – информира Гаши по редовната координација со координаторите на пратеничките групи.
Разговарале и за поднесената интерпелација за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
– Денеска ќе биде доставена до пратениците и ќе биде во согласност со законот и Деловникот, роковите ќе бидат почитувани, ќе ја ставиме како точка на дневен ред штом се исполнат условите – појасни собранискиот претседател.
Гаши се осврна и на неодамнешниот состанок со претседателите на сите собраниски комисии, чија цел било да се отвори Собранието, а тој сакал да ги мотивира претседателите да организираат надзорни, јавни расправи, да вклучат невладини организации и да има повеќе дебати за секој закон.
април 20, 2026

