Вести
Мицкоски: Реформската агенда повеќе не е само план на хартија, дава конкретни резултати
Реформската агенда повеќе не е само план на хартија, таа дава конкретни, мерливи резултати – напиша премиерот Христијан Мицкоски денеска на својот фејсбук-профил по средбата во Владата со амбасадорите од Европската Унија.

На средбата, како што пишува, било разговарано за напредокот и за следните чекори во спроведувањето на реформската агенда.
– Во изминатиот период го забрзавме спроведувањето во сите клучни области. Неколку чекори се веќе целосно реализирани, а други напредуваат побргу од планираното. Ова одразува силна политичка посветеност, подобрена институционална координација и јасен фокус на резултати – пишува Мицкоски.
Во јавните финансии, додава, ги зајакнуваме отчетноста и транспарентноста.

– Институциите повеќе известуваат, посистематски управуваат со ризиците и применуваат построги контроли врз јавната потрошувачка. Во исто време, го модернизираме буџетскиот систем и ги подобруваме планирањето и следењето на јавните инвестиции. Пораката е едноставна: јавните средства се управуваат поодговорно и поефикасно – посочува премиерот.
Овие реформи, нагласува, не се изолирани активности. Тие се дел од поширока трансформација. Тие ја приближуваат нашата економија до единствениот пазар на ЕУ.
– Тие ги зајакнуваат институциите во согласност со европските стандарди и носат конкретни резултати за граѓаните и бизнисите. Остануваме целосно усогласени со Европската Унија, политички, економски и стратешки – додава Мицкоски.
април 20, 2026

