Connect with us

Вести

Казахстан ја гледа Македонија како клучна алка за европските пазари – двете земји ги засилуваат економската соработка и трговската размена

Македонија и Казахстан ќе ги засилуваат економската соработка и трговската размена. За таа цел, вториот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје и потпишувањето два значајни документи ќе дадат нов импулс на соработката меѓу бизнис-заедниците и ќе придонесат за зголемување на трговската размена. Ова беше заклучено на заедничката прес-конференција меѓу министерот за надвореши работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев, кој престојува во официјална посета на земјата.

– Оваа посета е јасен сигнал за заедничката подготвеност за продлабочување на економската соработка и унапредување на севкупните билатерални односи. Во разговорите отворено констатиравме дека сегашното ниво на економска размена не го одразува реалниот потенцијал меѓу двете земји. Но исто така се согласивме дека постојат конкретни и достижни можности тој јаз да го затвориме во периодот што следува – рече Муцунски.

Во таа насока, Муцунски информира дека разговарале за одржување на втората седница на Заедничката македонско-казахстанска комисија за трговска и економска соработка во Астана како важен чекор за поинтензивна и пофокусирана економска динамика.

– Паралелно, останува наша заедничка задача да ги надминеме предизвиците поврзани со географската оддалеченост преку зајакнување на директната комуникација меѓу компаниите и стопанските комори, како и преку поактивна организација на бизнис-форуми, саеми и промотивни активности, вклучително и во областа на културата и туризмот – рече Муцунски.

Тој изрази уверување дека вториот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје и потпишувањето два значајни документи ќе дадат нов импулс на соработката меѓу бизнис-заедниците и ќе придонесат за зголемување на трговската размена.

– Создавањето предвидлива и конкурентна деловна клима и привлекувањето странски инвестиции остануваат врвен приоритет на Владата. Во таа насока остануваме отворени за казахстански инвеститори како во технолошко-индустриските развојни зони така и пошироко, во согласност со нивните инвестициски интереси – заклучи Муцунски.

Шакалиев, од своја страна, рече дека Казахстан и Македонија продолжуваат постојано да ги зајакнуваат билатералните односи ставајќи особен акцент на развојот на трговската, економската и инвестиционата соработка.

– Казахстанската делегација, која што ја сочинуваат претставници на деловната заедница, агроиндустрискиот сектор и академската заедница, пристигна денес во Македонија како дел од трговската и економската мисија на нашата земја. Главната цел ни е да ја зголемиме билатералната трговија, да ги прошириме деловните контакти и да воспоставиме конкретни области на соработка – истакна Шакалиев.

Тој нагласи дека Казахстан активно го развива својот транспортен и логистички сектор, гради одржливи патишта меѓу Азија и Европа.

– Клучна улога во тој процес игра Транскаспискиот меѓународен транспортен пат, односно Средниот коридор, кој ја обликува новата конфигурација на евроазиската трговија. Во тој контекст, Македонија се гледа како ветувачка врска на европскиот пат. Нејзината географска локација и интеграцијата во балканските транспортни мрежи создаваат дополнителни можности за воспоставување отпорни логистички синџири, за пласирање на казахстанските производи на пазарите во Југоисточна и Источна Европа – рече Шакалиев.

Казахстанскиот министер посочи дека еден од клучните практични чекори ќе биде воспоставувањето деловен совет, кој ќе ја олесни директната интеракција меѓу деловните заедници на двете земји и ќе овозможи брз развој на споделени проекти.

– Таквите иницијативи, вклучувајќи ги и трговските мисии и создавањето институционални платформи за дијалог, се гледаат како почетна точка за премин кон поструктурирана и одржлива трговска и економска соработка меѓу нашите две земји. Фокусот се става на развојот на индустриската соработка, воспоставување заеднички деловни проекти и проширување на инвестицискиот ангажман, што ќе придонесе кон заеднички модели што носат придобивки за двете земји – заклучи Шакалиев на заедничката прес-конференција со Муцунски.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4