Вести
Средба Андоновски – Варнс: Продлабочување на соработка со САД во кибербезбедноста и дигиталната трансформација
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и вршителот на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс, на денешната средба ја потврдиле одличната соработка меѓу двете држави во областа на дигиталната трансформација и кибербезбедноста.
На средбата, како што соопшти Министерството за дигитална трансформација, се разговарало за продлабочувањето на билатералната соработка, особено во делот на кибербезбедноста, во контекст на неодамнешната средба во Соединетите Американски Држави со заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, одржана една недела претходно, на која била потврдена заедничката посветеност за натамошно унапредување на партнерството.
Во таа насока била изразена благодарност за поддршката од страна на Амбасадата на САД, како и за техничката и финансиската помош во износ од 5 милиони долари, обезбедена од нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, наменета за јакнење на кибербезбедноста и дигиталната инфраструктура во државата.
Од Министерството за дигитална трансформација велат дека остануваат посветени на унапредување на безбедна, модерна и отпорна дигитална средина, во интерес на граѓаните, продолжувајќи ја успешната соработка со САД.
април 18, 2026

