Connect with us

Економија

Божиновска и Ландау потпишаа меморандум за унапредување на енергетската безбедност

Меморандум за разбирање за унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас потпишала министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, во рамки на официјалната посета на македонската владина делегација на САД.

– Меморандумот ја потврдува заедничката заложба за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со природен гас, зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, обезбедување стабилен, сигурен и достапен гас за државата, јакнење на регионалната поврзаност и интеграција на пазарите – информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

Заеднички став, потенцираат, е дека постои јасен потенцијал за интензивирање на соработката, со фокус на проекти кои ќе донесат конкретни резултати и ќе придонесат за економски развој и енергетска сигурност на двете земји.

Потпишувањето се реализира во Вашингтон, како дел од стратешкиот дијалог со САД, како што велат од МЕРМС, клучна платформа за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји. Дијалогот ги опфаќа најважните области за развој – енергетика, економија, безбедност и технологија.

– Документот предвидува и конкретни чекори за развој на инфраструктурата, подобрување на транспарентноста на пазарите на гас, со што се отвора можност за користење на јавни и приватни финансиски инструменти, вклучително и поддршка од меѓународни финансиски институции и извозни кредитни агенции. Фокусот на разговорите е јасен – енергетска безбедност, економска соработка и конкретни проекти што носат стабилност, инвестиции и развој. Со овој договор, Македонија ја зацврстува својата позиција во регионалните енергетски текови, со јасна ориентација кон поврзување со европските пазари, што директно придонесува за економска стабилност и долгорочен развој, се вели во соопштението. 

Во рамки на Стратешкиот дијалог, министерката Божиновска учествувала на повеќе тематски сесии и реализирала билатерални средби со високи претставници на американската администрација.

Претходно Божиновска остварила билатерална средба во Белата куќа, со Џеред Аген, заменик-советник на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД. На средбата биле разменети ставови за унапредување на двостраната соработка во енергетскиот сектор, а искуството на Аген и неговото познавање на глобалните енергетски текови претставуваат важна основа за развој на идни партнерства и проекти.

– Министерката Божиновска ја истакна подготвеноста за продлабочување на соработката и реализација на конкретни иницијативи, нагласувајќи дека партнерството со САД претставува значаен фактор за долгорочна стабилност и развој на енергетскиот сектор. Овој чекор претставува силна потврда за стратешкото партнерството со САД и јасен сигнал дека државата се позиционира како кредибилен и активен чинител во регионалната енергетска архитектура, информира МЕРМС.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2