Култура
Објавена новелата „Раѓање“ од рускиот писател Алексеј Варламов
„Македоника литера“ објави превод на новелата „Раѓање“ од современиот руски писател Алексеј Варламов, за која е добитник на наградите „Антибукер“ и „Октомври“. Новелата е првпат објавена во 1995 година и со неа Варламов се афирмира во руската литература.
-Авторот суштински, искрено, уверливо, длабоко и трогателно ја опишува големата мистерија на раѓањето. Новелата „Раѓање“ е, во извесна смисла, парабола за раѓањето на нова земја и новите односи меѓу луѓето. Како брилијантен раскажувач, врвен стилист и беспрекорен мајстор на зборот, Варламов го плени читателот со својот лежерен, лаконски и имагинативен стил на пишување, сложена игра на зборови и литературни алузии. Ова издание на македонски јазик е дополнето со уште една новела – освен „Раѓање“, објавена е новелата раскажана со три раскази – „Падчевари. Нарација во раскази“ (2002), соопшти издавачката куќа за новата книга која од руски на македонски ја преведе Ленче Тосева.
Алексеј Николаевич Варламов (1963) е руски прозаист, филолог, автор на неколку биографии на писатели и на романи, и универзитетски професор. Негови најпознати романи се „Менталниот волк“ (2014) и „Павел, душо моја“ (2018), објавен и на македонски јазик во издание на „Македоника литера“ во 2022.
Варламов е добитник на петнаесетина книжевни награди, меѓу кои: „Александар Солженицин“, „Голема книга (Бољшаја книга)“ за „Менталниот волк“ и за „Алексеј Толстој“, како и на наградите „Октомври“ и „Студентски Букер“. Според неговиот роман „Менталниот волк“ е снимен игран филм.
Професор е на универзитетот „Ломоносов“ во Москва, предава руска книжевност од почетокот на XX век и во исто време води креативен семинар во Институтот за литература „А. М. Горки“. Член е на комисијата за доделување на високата меѓународна награда „Толстоева награда Јасна Полјана“.
април 7, 2026

