Connect with us

Вести

Сведоштво на таткото на Александар Карадаковски: Мојот син стана управител на Пулс за да не пропадне лиценцата, Деко не му плаќал ниту здравствено осигурување

Александар се вратил од Скопје да работи во Кочани зошто бил пријател со Михајло, синот на Дејан Јованов – Деко, сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, на денешното продолжение на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се одржува во судницата во „Идризово“. 

Сведокот пред Судот изнесе наводи за работниот ангажман на неговиот син во Кафе „Класик“ и во МММ Кафе ДООЕЛ Кочани, посочувајќи дека Александар бил пријавен како управител без соодветно здравствено осигурување, што, кај него предизвикало загриженост уште пред трагичниот настан.

Тој посочи дека дознал дека неговиот син бил ставен за управител, кога Александар се повредил и дознал дека нема здравствено осигурување. 

Александар најпрво работел како шанкер во кафе „Тренд“ во Скопје, а од 2018 година почнува да работи во Кафе „Класик“ во Кочани, зошто Михајло, синот на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, му бил многу близок пријател. Според извештајот од ПИОМ, таткото рече дека првото пријавување на Александар како редовно вработен е од 2021 година во кафе „Класик“. 

– На 10 јули 2024 година ми се јави пријател, тогаш такси возеше, дека Александар го повикал во пет часот сабајле да го однесе до болница, бидејќи не може сам. Тогаш пријателот ме праша, знам дека Александар работи подолго време таму, зарем нема здравствено, зошто се си плаќа сам. Тогаш го прашав Александар, ми рече нема покриено здравство. Јас му реков тогаш пријави се на Биро за вработување барем ќе имаш здравствено, и тогаш тој ми рече дека не може, зошто е управител – рече сведокот. 

Сведокот, рече дека се изненадил и почнал да го прашува зошто си управител, на што Александар му рекол дека Деко го замолил зошто „немал кого да постави, а за да не му пропадне лиценцата“, па него го пријавил. 

– Тогаш многу ме изненади и го прашав дали знае кои се одговорностите на управител и го прашав дали знае и оди во банка и води сметководство, ми рече не, тоа си го прават Деко и Михајло. Мене веќе почна да ме фаќа паника и му реков да иде кај Деко и тоа да го среди. Ми рече имале уште две три рати кредит, па ќе средат, но ништо од тоа – рече сведокот. 

Таткото, рече, дека кога си дошол од Германија, каде што работел, му рекол на Александар дека тој ќе разговара со Деко и ќе се расправа. 

– Ме замоли да не правам глупости и прифатив. Тогаш ми рече Михајло толку многу се има искарано за тоа со татко му, дури и се иселил од дома. И тогаш подлегнав на неговата молба, но му дадов број од адвокат да се консултира тоа да го заврши без Деко. Рече се консултирал, да поминат празниците, ќе виделе што може, што не може – рече сведокот. 

Прашан како реагирал Александар на тоа, сведокот рече дека бил многу нервозен тој период. 

– Јас му вршев голем притисок, дури не сакаше да зборува за тоа и се нервираше многу, зошто беше свесен дека може да има големи давачки и долгови кон доверители и фирми. Тој период веќе и имаше одбивност да оди на работа – рече сведокот. 

Прашан дали имал Александар проблеми со контроли и даночни пријави, сведокот рече дека немал такво нешто и дека никогаш не се пожалил за тоа. 

На прашање од Судот да објасни каде точно се работел Александар, сведокот рече дека во 2016 работи во „Лизинг“ Скопје, од 2016 до 2018 работи во „Тренд старс“ Скопје, а од 11 јуни 2021, со прекин од десетина дена во јули 2024 година кога бил пријавен во „Карго бит“, сѐ до последен момент работел во МММ Кафе ДООЕЛ Кочани. 

– Цело време работеше во Кафе Класик во Кочани. Никогаш не одеше на работа во дискотеката Пулс, секогаш одеше на работа во кафетеријата Класик во центарот на градот – рече сведокот. 

Дали некогаш бил сопственик, зошто во обвинението се води како сопственик и управител, сведокот рече не, никогаш. 

Прашан дали спомнал дека се вршело реновирање во Пулс, сведокот рече да, во 2024 година, пред да се пожали на болки бил повикан да помогне за некои физички активности во Пулс, за некои градежни работи. 

– Тогаш бил повикан да помогне, и се здобил со повреда и отишол на лекар – рече сведокот. 

На прашање на бранителот на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, дали Александар работел во фирма кај Деко или Михајло, сведокот рече дека Александар рекол дека работел кај Михајло, и дека тој не знае кој е сопственик на фирмата. 

Адвокатката Ивана Коцевска, побара од Судот да не го прифати исказот на сведокот, зошто, како што рече, изнел целосно контрадикторни искази во однос на фактичките докази. 

Адвокатот Јовица Страшевски, реагираше дека повикуваат сведоци и поставуваат прашања кои се надвор од обвинение. 

– Каков е односот меѓу сведокот и сега покојниот син не придонесе со ништо кон овој кривично правен настан. Барам да му укажете на обвинителството дека со ваквиот начин само се одолговлекува постапката, а ништо не придонесуваме кон расчистување на обвинението – рече адвокатот Страшевски. 

Вториот сведок за денешното рочиште, иако уредно повикан, не се појави во судница. Јавниот обвинител информираше дека нема добиено известување дали отсуството е оправдано или не, на што Судот реагираше дека доколку сведокот не се појави на следното рочиште, ќе мора да издаде налог за спровод. 

Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевски, и се наоѓа во фаза на доказна постапка и продолжува со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители. 

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредении претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјава.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4